Менаџерот на Челси, Маурисио Почетино беше исклучително среќен по победата над Манчестер Јунајтед, за која верува дека може да биде пресвртница за неговиот тим.
Во луд натпревар, Челси водеше со 2:0, а потоа прими три гола во низа, а сепак победи со 4:3 со два гола длабоко во судиското надополнување, постигнати во 100. и 101. минута, или 90+10 и 90+11.
„Тоа беше неверојатен натпревар. Бевме подобри и заслужено победивме. Добро отворивме и ја контролиравме ситуацијата, но потоа погрешивме. После тоа паднавме емотивно, не беше лесно да се справиме со тоа. Во вториот дел повторно ја контролиравме играта и примивме гол од контранапад. Секако дека сме разочарани што примивме три гола, но на крајот заслуживме да победиме. Можеше да се види врската помеѓу навивачите и играчите. Ова треба да биде пресвртница кога е во прашање меѓусебната доверба“, прокоментира Покетино.
„Се чинеше дека ќе загубиме, но фудбалот е таков. Им велевме на играчите дека има уште време, да веруваат дека можеме до пресврт. Емотивна победа, важни три бода бидејќи сакаме да ја намалиме разликата меѓу тимовите пред нас“.
Аргентинскиот стручњак одговори и на прашањето дали треба почесто да покажува емоции.
„Тимот мора да покаже страст, а јас да бидам смирен, аналитичен, да го гледам натпреварот и да се трудам да помогнам во секој аспект. Ова не е циркус, јас нема да бидам кловн крај аут-линијата. Јас не сум кловн, јас сум тренер. Ако некој сака кловн, нека го најде“.
Од друга страна, играчот од средниот ред и капитен на Манчестер Јунајтед, Бруну Фернандеш, беше разочаран од поразот.
„Фрустриран сум. Тешко ми е да го прифатам тоа што се случи. Имавме добиен натпревар и успеавме да испуштиме сè“.