Култура

Почина актерот Дади Ангеловски

16. ноември 2012 - 11:21 | Макфакс

Еден од најпознатите македонски актери Владимир Дади Ангеловски почина мината вечер во Скопје, на 66-годишна возраст, по кусо боледување.

Комеморацијата по повод ненадејната смрт на познатиот актер ќе се одржи во сабота, 17-ти ноември, во 10.30 часот во Драмскиот театар Скопје, а посмртните останки ќе бидат изложени од 12 часот во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје.

Првите чекори кон својата идна професија Дади ги имал во Радио драмата, додека пак за прв пат на сцената стапнал во 1962 година, кога го играл Оливер Твист кај режисерот Димитрие Османли во тогашниот Младинско-детски театар, денес Драмски театар

Огромен е бројот на улогите во кои се појавува Дади, почнувајќи од детските серии и драми, па сè до сериозните улоги во некои од најзначајните македонски филмови, драми и серии. Секако дека не постои дете кое ја нема гледано познатата детска трилогија "Чук,чук Стојанче" , "Баш челик" и " Шекспир во приказни" која постигнува огромни успеси и тука и на сцените низ Југославија. Незаборавни се и ликовите Диди и Дади кои ги играат Дади и неговиот брат Коле Ангеловски во тв серијата "Да видам, да видам што да бидам". Исто така Дади се појавува и во операта на МНТ во оперите "Шеќерна приказна" и "Деспина и мистер Докс". Во 1967 година игра во психолошкиот филм "Мементо" во режија на Османли Димитрие, а во 1988 игра една од главните улоги во филмот "Викенд на мртовци".

Понатаму следуваат улогите во филмовите " Солунски патрдии" , во режија на Коле Ангеловски, "Калигула" во режија на Миле Гроздановски, "Рибарски караници", серијата "Лото, лото" исто така во режија на Коле Ангеловски,во претставите "Мефисто", и " Дунек" со кои заработува и некои од неговите награди. Тука се и сериите: "Агенција осамени срца", "Училиште за кловнови", "Трст виа Скопје", "Битолски лакрдии" и многу други.

Неизбежно е а да не се спомене радио-телевизиската програма "Хихирику" со која што заедно со своите колеги Димче Мешковски, Катерина Коцевска, Благоја Чоревски, и Гоце Тодоровски во 2004-тата година го прославија јубилејот од 25 години од нејзиното постоење.Со некои од своите колеги има настапувано и неколкупати во Австралија изведувајќи познати македонски драми за тамошните Македонци. Значајни се секако и улогите на Дади во голем број од Македонските народни приказни, а интересен е и фактот дека тој е единствениот актер кој 9 години по ред настапува на манифестацијата „Глумците пеат“, колку што и постои самата манифестација.

Коментирај