Grumpy Cat, мачката која беше инспирација за огромен број мемиња на интернет благодарение на нејзиниот постојано намуртен изглед, почина на седумгодишна возраст. Сопствениците утрово ја потврдија тажната вест.
Тардар Сос (како што беше позната кај нејзините сопственици) почина од инфекција на уринарниот тракт која предизвика сериозни компликации и не можеше да биде излечена.
Иако изгледаше како секогаш да е намуртена поради нешто, изразот на Grumpy Cat сепак се должи на деформитет кој таа го има уште од самото раѓање. Низ годините, нејзиниот израз се користеше во безброј интернет мемиња, промотивни материјали и реклами, за кои сопствениците беа богато наградени.
Grumpy Cat ја искористи славата за да се слика со голем број познати личности, кои покрај неа се чувствуваа како небитни, обични луѓе. Сепак, беа во присуство на вистинска, оригинална интернет легенда.
На моменти смешна, Grumpy Cat секогаш наоѓаше начин да го привлече вниманието на публиката на социјалните мрежи. Популарноста ја доби преку веб-страници како 9GAG, Memebase, YTMND и KnowYourMeme, а потоа стана заштитен знак на повеќе компании и доби кафе со нејзиното име – Grumpuccino.