Во „далечната“ 2011 година Valve засекогаш го промени е-спортот. Првиот милионски е-спорт турнир The International служеше како глобална презентација на играта „Dota 2“, а наградниот фонд изнесуваше 1,6 милиони долари – сума која во тој момент ги изненади сите.
Денеска (15.08.2018) ќе почне осмото издание на The International, најголемиот турнир во светот за „Dota 2“ играчи. Неговиот награден фонд изнесува 24 милиони долари, со што е најбогатиот е-спорт турнир во светот.
The International не само што е најважниот настан од светот на е-спортот, туку и во спортот воопшто. Не се работи само за турнир поради кој учесниците добиваат шанса да станат милионери, туку и за настан кој поставува пример кога се зборува за организација, продукција и новитети.
Секоја година, 18 најдобри тимови од целиот свет се квалификуваат на овој турнир и за тоа се наградени со најмалку 60.000 долари по тим. Осумте најдобро рангирани тимови во светот директно се пласираат на турнирот, додека останатите 10 тимови поминуваат циклус на квалификации пред да стигнат на турнирот. Меѓутоа, дури тогаш следува она најдоброто – можноста за освојување на турнирот, а со тоа и наградата од 10 милиони долари. Силната конкуренција и динамичноста на играта која ја играат придонесоа за ниту еден тим да не го освои турнирот двапати, туку секоја година имаше различен шампион.
Оваа година настанот ќе се одржи во Rogers Arena во Ванкувер, Канада, додека во изминатите години тој се одржуваше во KeyArena во Сиетл, САД. Тимовите се поделени во две групи, а првите натпревари од групната фаза почнуваат денеска (15.08). Како што беше претходно пријавено, првата награда носи околу 10,7 милиони, второпласираниот ќе добие 3,9 милиони а третото место носи нешто повеќе од 2,5 милиони.