Ракомет

Почнува СП во ракомет: Домаќинот Франција ја брани титулата, пет фаворити за медал

11. јануари 2017 - 9:28 | Д.П.

Светското ракометно првенство стартува денеска во Франција и ќе трае до 29 јануари, а титулата ќе ја брани домашната репрезентација која ќе го отвори шампионатот со дуелот против Бразил, вечерва од 20.45 часот. Меѓу фаворитите за титула, освен домаќинот се и Данска, Шпанија, Германија и Хрватска.

Франција за прв пат од клупата ќе ја предводи селекторот Дидие Динар, на теренот ќе ги предводи Никола Карабатиќ, додека на голот ќе биде 40 годишниот Тиери Омејер.

Данците се актуелни олимписки победници од Рио де Жанеиро и се надеваат на ново злато предводени од одличниот Микел Хансен, а борба за титулата најавува и силниот тим на Шпанија.

Репрезентацијата на европскиот шампион, Германија, се надева дека Андреас Волф ќе ги повтори маестралните партии од европското првенство, додека Хрватска, која доаѓа без четири важни играчи, секогаш знае да биде опасна.

Македонската репрезентација е во групата Б, заедно со Шпанија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола, а својот прв натпревар го игра утре против Тунис од 17.45 часот.

Ова се сите групи:

Група А: Франција, Полска, Русија, Норвешка, Бразил и Јапонија

Група Б: Шпанија, Словенија, Македонија, Исланд, Тунис и Ангола

Група Ц: Германија, Хрватска, Белорусија, Унгарија, Чиле и Саудиска Арабија

Група Д: Катар, Данска, Шведска, Египет, Бахреин и Аргентина

Во осмина финалето ќе се пласираат по четири репрезентации од секоја група, а ќе се вкрстуваат тимовите од А и Б групите, како и од Ц и Д.

 

Коментирај