Земјотрес со јачина од 2,8 степени според Рихтеорвата скала, утрово бил почувствуван во Штип и околината, соопштија од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, регистрира земјотрес чиј епицентар се наоѓа во штипското епицентрално подрачје, се вели во соопштението.
„Овој земјотрес се случи во 10 часот и 11 минути со Рихтерова локална магнитуда 2.8. Истиот беше почувствуван во Штип и околината со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала“, додаваат од Сеизмолошката опсерваторија.