Фудбал

Политиката вмеша прсти: Одложеното Ел Класико ќе се игра среде недела

17. октомври 2019 - 14:04 | А.С.

Барселона следната сабота, на 26 октомври, требаше да му биде домаќин на Реал Мадрид, но Ел Класико, една од најголемите дерби средби, најверојатно нема да се игра на тој датум.

Против одигрувањето на супердербито се Федерацијата, Лигата и Владата на Шпанија.

Шпанската фудбалска федерација и Ла Лига не сакаат мечот да се игра во Барселона. Овој град, како и цела Каталонија, се парализирани од протестите што избувнаа откако Врховниот суд на Шпанија им одреди огромни затворски казни на организаторите на референдумот за независност на Каталонија одржан пред две години.

Управата на двете институции на шпанскиот фудбал не дозволуваат во ваква ситуација, кога Каталонија е на нозе поради одлуката на официјален Мадрид, во оваа бунтовна покраина да дојде омразениот симбол на главниот град на Шпанија – Реал Мадрид.

Барселона и Реал не сакаат смена на „титулата“ град-домаќин

Колку сериозно се сфаќа ова зборува и фактот дека шпанската влада соопшти дека се противи на идејата Ел Класико да се игра во Барселона. Затоа Ла Лига предложи овој натпревар да се игра во Мадрид, односно дербито што требаше да се одржи на „Ноу Камп“ да се пресели на  „Бернабеу“. Но, овој предлог го одбија и Барса и Реал.

Затоа, за Комисијата за натпреварувања на Фудбалската федерација на Шпанија најдобро решение е одложеното Ел Класико да се игра во Барселона, но на 18 декември. Ла Лига не е најзадоволна со тој датум, бидејќи се паѓа во среда, среде работна недела, но поради презафатеност на двата клуба, како и пребукираност на шпанскиот фудбалски распоред, се чини дека тоа е единствениот можен датум. Истиот ден се играат натпревари од првото коло на шпанскиот Куп на кралот.

Коментирај