Книги

„Полноќна роза“ – Во потрага по вистината за минатото

18. ноември 2014 - 13:58 | Маја Танушоска

Доживотната потрага на една мајка која одбива да прифати дека судбината на нејзиното дете е таква каква што и ја кажале, долги години подоцна ќе спои животи и ќе ја извади вистината на виделина. Расплетот на ова дејство е распослано на преку 500 страници од новата книга на Лусинда Рајли „Полноќна роза“ во издание на Матица.

„Полноќна роза“ е книга од ирската писателка Лусинда Рајли, која зад себе има неколку бестселери кои се најдоа на листата на New York Times. Нејзините книги досега се преведени на 28 јазици во 38 земји, а оваа книга е уште една од оние кои го привлекоа вниманието на читателите. „Полноќна роза“ меша култури и временски периоди, со цел да раскаже една приказна која допира во животите на неколку генерации.

Централен лик на приказната е Анахита, жена со исклучителна способност која доаѓа од Индија. Пред да почине таа ќе му ја предаде својата животна приказна на внукот Ари, оставајќи му аманет да тргне во потрага по вистината за нејзиното дете. Тоа ќе го однесе Ари на еден прекрасен стар имот во Англија, на кој некогаш живеела Анахита.

Анахита потекнува од скромно семејство и рано ќе остане без родители. За среќа, ќе успее да се спријатели со принцезата Индира, а тоа ќе и донесе придобивка бидејќи ќе има пристап до образование во Англија. Индира и Анахита одреден период ќе престојуваат во домот на семејството Астбери кое поседува огромен имот. Анахита и наследникот на имотот Доналд ќе се заљубат еден во друг, меѓутоа мешаните врски со времето во кое е поставено дејството не наидуваат на одобрување кај сите. Освен тоа, уште неколку непредвидени пречки ќе постават тешкотии на нивниот пат, а тоа ќе има сурови последици.

Освен во овој период, приказната тече и во сегашно време, кога американската актерка Ребека Бредли доаѓа на имотот на Астбери каде треба да снима филм. Ребека ќе се запознае со Ари Малик, правнукот на Анахита и двајцата заедно ќе почнат да откриваат детали за нејзиното минато и семејството Астбери. Ќе излезе дека духовите на минатото сè уште се присутни на овој имот, кој делува мистериозно и се чини дека крие некакви тајни и во сегашно време.

Оваа книга е фикција во која е искористена и малку историја. За да ја опише културата на Индија, Рајли искористила неколку извори кои и помогнале во оформувањето на приказната, што на читателот му дава и дополнителни информации за начинот на живот во периодот во кој е поставено дејството. Таа вели дека нејзиниот процес на пишување започнува така што за почеток употребува некоја локација која особено и се допаѓа, а потоа дозволува самите ликови да ја водат. Нејзиниот совет за сите оние што сакаат да пишуваат е да не се плашат затоа што нешто им делува нереално, бидејќи вистината некогаш е почудна од фикцијата.

Во овој случај Рајли успеа да опише дејство патувајќи низ времето, навраќајќи се на детали од приказната која полека кулминира и на тој начин има уште поголем ефект врз читателот. Приказната на прекрасен начин ги прикажува пријателството, романсата, вечната поврзаност на родителот со детето и и покрај непријатните настани, книгата не ве остава со горчлив вкус, туку на прекрасен начин го доловува завршетокот.

Коментирај