Силна експлозија синоќа доцна навечер се слушна во центарот на Будимпешта, при што биле повредени двајца полицајци, јави унгарската полиција.
Експлозијата, од сe уште непознато потекло, се случила во 22:30 часот во подрумот на зграда со канцеларии сместена на прометна крстосница во центарот на унгарската престолнина.
Двајцата полицајци кои патролирале кога се случила експлозијата се во болница, се наведува во соопштението на интернет страницата на полицијата, а нема извештај за други повредени.
Зоната на експлозијата е затворена, а зградите евакуирани. Славната музичка академија „Лист“ се наоѓа во соседната зграда и е евакуирана, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти дека истрагата е во тек за да се одреди причината за експлозијата. Некои од локалните медиуми известуваат дека најверојатно причината е експлозија на плин.