Фудбал

Повторно заедно: Ешли Кол ќе му се придружи на Лампард во Дерби Каунти

21. јануари 2019 - 17:56 | К.З.

Еден од најдобрите англиски одбранбени играчи на сите времиња, Ешли Кол, отпатува назад во Англија за да го комплетира неговиот трансфер во Дерби Каунти. Таму ќе се обедини со еден од неговите добри пријатели од играчите денови во Челзи, Френк Лампард, кој е актуелен тренер на тимот.

Левиот бек ќе потпише шестмесечен договор со клубот од Чемпионшип, со цел да го засили составот во борбата за пласман во Премиер лигата.

Трикратниот освојувач на Премиер лигата остана без клуб во ноември минатата година, кога му истече договорот со Лос Анџелес Галакси. Неговиот пријател Френк Лампард смета дека тој ќе придонесе со неопходното искуство и тоа ќе вроди со подобрување на позицијата на табелата во Чемпионшип. Во моментов Дерби Каунти се наоѓа на шестото место на табелата.

„Знам дека сака да игра и се одржува во добра форма, иако нема клуб. Сакам да го направам дел од составот на нашиот тим бидејќи знам дека ќе има добро влијание на останатите играчи“, изјави Лампард.

Како и претходните три години, Дерби Каунти се наоѓа на едно од местата кои водат во плејофот за пласман во Премиер лигата. Од клубот се надеваат дека оваа година конечно ќе се пласираат во најсилната англиска лига, по пауза од 11 години.

Коментирај