Книги

Предлог за читање: „Испревртени“ – Ема Чејс

21. октомври 2016 - 16:29 | Билјана Стефановска-Богоеска

„Постојат два вида на луѓе во светот. Оние кои бараат и оние кои се подготвени да скокнат. Јас отсекогаш сум била повеќе за барање. Претпазлива. Секогаш со однапред подготвен план. Тоа се промени откако го сретнав Дру Еванс. Тој беше толку упорен, толку сигурен во себе, дури и за мене. Но, не сите љубовни приказни завршуваат среќно засекогаш“.

Книгата „Испревртени“ од Ема Чејс е посветена на сите оние кои останале заљубени. Напишана е од две перспективи, машка и женска, и тематски е насочена кон љубовно-сексуалниот однос во врската меѓу главните ликови Кејт Брукс и Дру Еванс.

Лесно е да се заљубиш, тешко е да останеш заљубен, вака започнува еротскиот роман на авторката Ема Чејс, која живее во Њу Џерси заедно со сопругот и двете деца. Пред раѓањето на децата Ема била страстен читач, а во 2013 ја објавила романтичната комедија „Tangled“ („Заплеткани“), со што се остварил нејзиниот сон да стане писателка.

По „Заплеткани“ следува романот „Испревртени“ (Twisted), и двете преведени на македонски јазик во издание на Култура. Дејството се случува по две години и поголем дел од настаните се пренесени од гледната точка на Кејт, додека епилогот е од перспективата на Дру. Книгата започнува со изненадувачки сексуален набој. Најголемиот проблем меѓу Кејт и Дру е комуникацијата, а конфликтот меѓу нив се создава поради недоразбирање. Тоа недоразбирање ги разделува и отвора простор за различни погрешни претпоставки. Мора да се признае дека Ема Чејс е одлична писателка која знае како да навлезе подеднакво успешно и во машката и во женската психа.

Ликот на Кејт е лик во кој секоја жена лесно може да се препознае. Нејзината лојалност кон пријателите покажува цврст карактер, а особено пленува делот кога не им открива интимни детали за врската со Дру, бидејќи така тие можат да го замразат.

„Еден совет – кога сте му налутени на љубениот, обидете се да не им кажете на вашите пријатели. Бидејќи откако ќе му простите, тие никогаш нема да заборават. Наместо тоа препорачувам да се жалите на неговото семејство. Тие веќе ги виделе сите негови негативни, себични, незрели особини во полн ефект – па на тој начин нема да се издадете“.

Колку е тоа вистинито, книгата изобилува со слични ситуации во врската и односите меѓу двајцата партнери. Главното прашање е како Кејт и Дру ќе ги надминат проблемите и ќе го решат недоразбирањето? Колку се важни комуникацијата и довербата во една врска и дали вреди сè да биде уништено поради погрешни претпоставки?

За разлика од Кејт, Дру е поимпулсивен, доста забавен, згоден, посесивен, избувлив и едноставно не може да ѝ одолее на Кејт. И неговите совети се искрени, со необична и смела доза на хумор, особено во делот за љубовните врски.

„Број еден – луѓето не се менуваат. Не постои магичен куршум.... Она што го гледате е она што го добивате. Секако, одредени навики може да се дотераат. Да се зауздаат. Како мојата склоност кон избрзаното осудување“, вели Дру во една прилика.

Ема Чејс си поигрува со чувствата на ликовите за да ги му открие посакуваните одговори на читателот. Кога ќе направите споредба од двете перспективи сфаќате колку е лесно да се нарушат односите во љубовната врска, семејството или меѓу пријателите. Но, и колку е тешко да се врати довербата особено ако некому е направена неправда. Стилот на Чејс е лесен, заводлив, забавен и прави книгата да не ја испуштите од раце.

Крајот го открива почетокот на книгата „Скротени“, односно како најдобрите пријатели на Кејт и Дру се справуваат со заљубувањето. Но, тоа е веќе сосема друга приказна.

Коментирај