Култура

Премиера на „Слуга на двајца господари“ утре во велешкиот театар

1. ноември 2019 - 13:22 | МИА

Во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ утревечер во 20 часот премиерно ќе биде изведена комедијата „Слуга на двајца господари“ (Il servitore di due padroni) од италијанскиот автор Карло Голдони, во адаптација и режија на Ненад Витанов.

Оваа најнова театарска продукција е трета по ред од годинашната програма на театарот поддржана од Министерството за култура. Се работи за постановка на една од најпознатите и најпопуларни комедии во историјата на светската драма и театар, напишана 1746 година како типична комедија дел арте, во чија основа се актерската импровизација и бурлеската.

Како што појасни на денешната прес-конференција режисерот Витанов, станува збор за вечните проблеми и конфликти меѓу двете спротивставени страни односно богатите и сиромашните.

- Ова во нормалниот свет најчесто е социјална драма, а во театарот тоа е комедија. Главниот лик во претставата Труфалдино, кој е типичен лик од нашето секојдневие, се бори да сврзе крај со крај, не секој месец, туку секој ден. Низ неговата приказна следиме цело едно општетство и што се случува и мислам дека секој од нас ќе се пронајде во маката на Труфалдино, истакна Витанов.

Сценографијата е на Филип Витанов, костимите на Катерина Чукниева, а во претставата настапува речиси целокупниот ансамбл на Велешкиот театар поточно актерите Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Зорица П. Панчиќ, Кристијан Саздовски, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Весна Димитрова Бобевски, Кица Ивковска и Јордан Витанов.

За првпат на велешката театарска сцена настапуваат и двајца новопримени млади актери Симона Димковска која толкува два лика брат и сестра близнаци, како и Благојчо Стојанов, кој го игра главниот лик Труфалдино.

Дел од актерската екипа е и младиот велешанец Кристојан Саздовски кој е студент на Факултетот за драмски уметности ЕСРА и ова ќе биде негово прво претставување на сцената.

Оваа претстава е една од многу често изведуваните на македонската и светската театарска сцена. Во Велешкиот театар ќе биде изведена по трет пат откако претходно беше изведена од аматерскиот театар и од професионалниот велешки Народен театар во 1995 година.

Коментирај