МК сцена
Фановите прашуваат, Нокаут одговара

Претконцертно интервју со Нокаут

22. декември 2011 - 10:33 | Кајгана

На 28-ми декември, Нокаут ќе одржи голем концерт во Метрополис арената. На помалку од една недела пред концертот, групата направи интересен чекор и ги повика фановите на Facebook да им постават прашања за интервјуто на Кајгана. Прочитајте што највеќе ги интересираше фановите и што имаат да кажат момците од Нокаут. Одиме по ред.

МАРТИН ДИМИТРИЈЕВ: Кои се причините за обединувањето на Нокаут, особено со најавата за UNPLUGGED концерт? Дали една од поголемите причини е преплавеноста на турбо-фолк настани/концерти во Македонија, а факт е дека има публика на која очајно и е потребен некој концерт од ваков калибар, односно квалитетна музика по достапна цена. Значи, од каде таа идеја повторно да се соберат Нокаут и да направат голем unplugged концерт?

НОКАУТ: Искрено не знам зошто секогаш се наметнува прашањето за обединувањето. Ако се вратите неколку години наназад, ќе сфатите дека Нокаут само имал креативна пауза од 2002-ра до 2004-та година, што е многу нормално за сите оние кои се занимаваат со оваа работа. Доколку се има идеологија за бендот, за музиката која се создава, треба постојано да се апсорбираат нови знаења, нова енергија и се она што значи живот. Само така ќе има промени, некаква еволуција на нештата.

Мислам дека ќе беше многу глупаво од наша страна, ако останевме со еден ист стил, од едноставна причина што музиката ја согледуваме како нешто што не води напред и ни дава нови визии и инспирации за поубав и посреќен живот. Во суштина тоа е и целта. Да се бориш за поквалитетен живот, а се друго си доаѓа само, доколку вистински го посакуваш. Така и unplugged концертите сами по себе се наметнаа, откако го снимивме првиот во 2007-ма година за Македонска Телевизија. Секако дека има индивидуи кои го размислувале тоа како концепт и звук, а во кој правец и како ќе еволуира овој проект, останува да видиме. Но, едно е сигурно, ние затоа постоиме и твориме.

СОФИЈА ЗАТАРКОВСКА: Ако би можеле да ја „стартувате временската машина" дали би го вратиле во мода диско ритамот :)... Што би промениле во вашата заедничка кариера?

НОКАУТ: Ако би можеле да ги вратиме годините, само без тој памет, се би било поинаку со нашите животи и кариери :-) Но, подобро не. Апсолутно за се што сме направиле до сега, било диско, рок, балада, експериментална музика, одговараме само ние, а сето друго е искуство преку кое сме учеле и сме го доживувале светот на свој начин. Затоа сме денес се уште тука, живи, здрави, весели и подготвени за концерт.

ДАРКО ПЕПОВСКИ: Нокаут се поимот на моето детство, на мојата младост, на мојата сегашност и иднина... Евергрини на македонската естрада =) БРАВО! Дури и мојата љубена ја фатив на песна од нокаут=) Прашање до Вас: Дали планирате да направите преработка на ваши песни и други хитови со сите познати македонски пејачи? Молба до Нокаут... Организирајте еден ГОЛЕМ, ОГРОМЕН ХУМАНИТАРЕН концерт за душа од вас... И сето тоа да биде убаво организирано преку социјалните мрежи и поддржано од многу компании... Покажете им на останатите што значи OLD SCHOOL и како тоа вистински се прави од душа...Поздрав момци... Ве обожава цела Македонија!

НОКАУТ: Ти благодариме за пофалните зборови. Во однос на молбата, нејзе ќе ја испочитуваме и тоа на овој концерт на 28-ми декември. Планот за хуманитарниот дел е уште од самиот почеток, но да оставиме тоа да го кажеме и покажеме искрено на самиот концерт.

ИВАНА ПЕТКОВСКА: По 15 години на нашата сцена, во кој момент од вашата кариера сте почувствувале дека сте го постигнале врвот? На што се најгорди? Кога конечно нов албум? Која е разликата помеѓу сцената во '90-те и денес? Ова тие се како 4 во 1, се за Нокаут!

НОКАУТ: Во моментов сме најгорди на овој проект кој го водиме и не знаеме како и каде ќе еволуира. Многу луѓе и многу музика, тоа е тоа. Врвот е нашата публика а зенитот допрва следи, барем така се чувствуваме сите во овој момент, но сепак стоиме цврсто на земја со план и стратегија за идните ангажмани.

СОФИЈА ТОДОРОВА: Планирате ли наскоро да издадете нов албум?

НОКАУТ: Да сме живи и здрави, напролет планираме да го издадеме 3-от студиски албум. 

АЛЕКСАНДРА ЈОВАНОВСКА: Колку што се сеќавам на почетоците на Нокаут имаше песна што се викаше „Александра". Сакам да ве прашам дали некогаш ќе ја слушнам повторно таа песна? И дали мислите да ја испеете некогаш или негде?

ПЕРЕ: Ух, тоа беше првата песна што ја напишав како автор на свои 13 години. Тогаш настапувавме со првиот мој бенд АПЕРИТИВ :) Одлично прашање кое ме потсети да ја повторам песната, а некогаш и да ја запеам заедно со Вас, публиката.

АНУШКА ЦВЕТКОВСКА: Нокаут не ги слушам последниве 4,5 години. За Нокаут знам 14 години. За мене сте задолжителна лекција по музика. Веројатно во вашата долга кариера, и по патот до успехот не одело се така лесно. Моето прашање е: Кој е вашиот најтежок нокаут , во професионалната кариера ?

НОКАУТ: Имаме попиено доста нокаути во кариерата, :))) Но, веројатно не биле вистинските бидејќи сè уште сме на нозе и во рингот кој е со многу непознати противници, ама одиме до крај и до последен здив.

САЊА КУЗМАНОВСКА: Дали овој концерт ќе биде поразличен од претходните во Колосеум ?

НОКАУТ: Да, ќе биде изведбено и организациски поразличен во секој случај, малку поразлични песни од Колосеум и гостин кој не би го откриле овој пат а за кој сметаме дека треба да му се даде големо внимание на оваа сцена. 

АЛЕКСАНДРА ПЕТРЕСКА: Што е тоа, што ви дава толку голема мотивација да останете толку долго на македонската естрада, да сте добри и слушани, неуморно да работите, да не правите среќни нас, фановите, посебно со вашите акустични настапи?

НОКАУТ: Родени сме со музиката која е страст и љубов за сите нас и тоа ќе го работиме додека сме на земјинава топка. Музиката е нишка која со Вас фановите заедно ја развиваме секојдневно и сакаме што подалеку да допре до сите Вас. Тоа е нешто што тешко се опишува со зборови, особено музиката и енергијата од која излегува од нејзе.

МАРТА КУЗМАНОВСКА: Зошто Нокаут веќе долго време не организираше никакви концерти и настапи (со исклучок на последниот од пред 2-3 месеци) и беше на некој начин „заборавен бенд" и дали во нареден период се планираат повеќе такви настапи по градовите во Македонија ? 

НОКАУТ: Највеќе „паузата" беше креативна, но не се исклучени и обврските кои сите ги имавме на приватен и професионален план. За да се склопат коцките за ваква организација и енергија, потребно е доста време. Овој пат решивме проектот да го презентираме на начин на кој што заслужува нашиот животен ангажман и нормално, публиката. Во однос на настапите во другите градови во моментот кроиме планови точно на кои локации и на кој начин да го претставиме акустичниот концерт, но се разбира дека во 2012-та ќе имаме настапи во дел од македонските  градови.

Погледнете како помина последниот концерт кој Нокаут го одржа во септември годинава:

Преслушајте го и новиот сингл „Знаеш каде да ме најдеш“ кој групата го објави пред неколку дена:

Коментирај