Македонија

Претседателот Иванов во посета на Романија

6. октомври 2011 - 10:05 | Макфакс

Претседателот Ѓорге Иванов од денеска до 8-ми октомври ќе престојува во официјална посета на Романија, информираат од неговиот кабинет.


Предвидено е Иванов во Букурешт да се сретне со неговиот романски колега, претседателот Трајан Басеску, а ќе има средби и со првиот човек на романскиот Сенат, Мирчеа Џоана и со премиерот Емил Бок.

За време на посетата предвидено е потпишување на два билатерални договора меѓу Македонија и Романија - Договор за економска, научна и техничка соработка и Договор за соработка во областа на туризмот.

Сенатот на христијанскиот Универзитет „Димитрие Кантемир" на претседателот Иванов на свечена церемонија ќе му ја додели титулата „Doctor Honoris Causa".

На вториот ден од посетата Претседателот Иванов ќе се обрати на Економскиот форум во Букурешт во организација на Комората за индустрија и трговија на Романија. Тој и македонската делегација ќе се сретнат и со претставници на Друштвото на Македонците во Романија, при што ќе се одржи церемонија за постхумно доделување на „Орден за заслуги за Македонија" на Лиана Думитреску, пратеничка која активно ги застапуваше Македонците во романскиот Парламент.

Официјалната посета на Романија претседателот д-р Ѓорге Иванов ќе ја заокружи со посета на Јаши.

Коментирај