Американскиот произведувач, Hennessey, во Монтереј претстави погонски агрегат за својот нов модел Venom F5, за кој тврди дека ќе биде првиот сериски модел на автомобили, кој е во состојба да развие брзина поголема и од 482 километри на час.
За еден таков подвиг неопходен е и адекватен мотор, па Venom F5 ќе биде опремен со twin-turbo 7,6 литарски V8 агрегат со дури 1622 коњски сили.
Како за споредба, најновиот хиперспортски модел Bugatti Divo, кој е претставен минатата недела, располага со 8,0 литарски мотор со 4 турбо полначи кои произведуваат 1500 коњски сили.
Моторот кој ќе биде вграден во моделот Venom F5, изработен е од алуминиумски блок.
Hennessey засега не откри многу детали за оваа погонска единица, но во оваа компанија се убедени дека во 2019 година ќе го постигнат споменатиот брзински рекорд со новиот модел.
Venom F5 ќе тежи околу 1.340 килограми, а според најавите од порано, овој автомобил од 0 до 300 километри на час би требало да забрзува за помалку од 10 секунди, додека брзина од 400 километри на час би требало да постигне за помалку од 30 секунди.
Во план е ограничена серија од 24 примероци, од кои, како што пренесува произведувачот, 15 автомобили веќе однапред се продадени.