Филм & ТВ

Приказната за „Секс Пистолс“ ќе биде раскажана во биографски филм

25. март 2019 - 15:35 | К.З.

По огромниот успех на филмот „Bohemian Rhapsody“, во кој беше раскажана приказната за Фреди Меркјури и групата „Квин“, дојдовме до заклучок дека публиката ужива во гледањето на музички биографски филмови. Во наредниот период нѐ очекуваат уште неколку такви, а денеска беше најавено дека набрзо ќе започне продукцијата на биографскиот филм за легендарниот британски панк бенд „Секс Пистолс“.

Netflix почна да ја емитува телевизиската серија „The Dirt“, која ја следи рок групата „Мотли Кру“; во киносалите во мај ќе се појави биографскиот филм за Елтон Џон наречен „Rocket Man“, а новиот филм на Дени Бојл – „Yesterday“ е инспириран од музиката на „Битлс“. Живееме во златно доба на музички филмови.

Тоа го потврдува и најновата информација за биографскиот филм за панк бендот „Секс Пистолс“, кој би требало да се појави во киносалите веќе следната година. Продуцентите велат дека работат на него веќе 18 месеци и во моментов се во процес на кастинг.

„Бевме импресионирани од резултатите на боксофисот на ‘Bohemian Rhapsody’, кои само покажаа дека публиката има апетит за филмовите од овој тип“, вели претставник од Starlight Films.

Од студиото велат дека кастинг процесот се одвива во најдобар ред и дека веќе имаат идеја кој сакаат да се појави во главните улоги, односно кој ќе ги толкува ликовите на Малколм Мекларен и Вивиен Вествуд.

Коментирај