Италијанската кондиторска компанија Ferrero привремено го прекина производството на кремот Nutella, како причина наведувајќи „проблем со квалитетот“.
„По читањето на резултатите за контрола на квалитетот во фабриката Вилер-Ескал, забележан е проблем со квалитетот на еден од полуготовите производи што се користат во производството на Nutellа и Kinder Buenо“, соопшти компанијата Ferrero.
Во соопштението се додава дека се работи за привремен прекин на производството како мерка на претпазливост и со цел да се спроведе соодветна истрага.
„Засега можеме да кажеме дека ниту еден наш производ што веќе е излезен на пазарот не е засегнат од случајот и испораката до нашите потрошувачи продолжува без никакви проблеми“, стои во соопштението.
Компанијата Ferrero, што ги произведува и Ferrero Rocher и Kinder јајцата, соопшти дека во периодот од август, 2017 до 30 август, 2018 година, забележала заработка од продажба од 10,7 милијарди евра.