Фудбал
ПРЕМИЕР ЛИГА 2019/20

Проблеми за Јунајтед: Де Хеа неизвесен за дербито со Ливерпул

16. октомври 2019 - 15:51 | Ф.З.

Како што стојат работите тренерот Солскјер ќе добие нова главоболка бидејќи голманот број еден Давид де Хеа тешко дека ќе се опорави до неделното дерби.

В недела на „Олд Трафорд“ Манчестер Јунајтед го пречекува моментално најдобриот тим во Премиер лигата и актуелен европски шампион, Ливерпул. Момците од „Енфилд“ се непоразени и имаат 8 победи од 8 натпревари.

Оле Гунар Солскјер и онака се соочува со главоболки бидејќи тимот игра под очекувањата и досега собра само 9 бода со кои е на 12-тото место.

Давид де Хеа сам се повреди при изведување на гол-аут на квалификацискиот натпревар помеѓу Норвешка и Шпанија во саботата по што беше заменет во 50-тата минута, а не бранеше ни синоќа против Шведска.

„Се жалеше на болки во абдукторот па му беше укажана медицинска помош на полувремето. Самиот сакаше да продолжи да игра, но на крајот не можеше да издржи“, рече шпанскиот селектор Роберт Морено.

Доколку Де Хеа не се опорави до недела, а натаму одат работите, Солскјер ќе мора да бара спас во резервниот голман, Аргентинецот Серхио Ромеро кој сезонава настапи на два натпревара, еднаш во Лига Европа и еднаш во Лига купот.

Коментирај