Во понеделник во 18 часот продолжува протестот на граѓаните против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува сите политичари од дела кои се водат или ќе се водат против нив.
„Изминатите пет дена, гласно кажавме дека нема да дозволиме крадците на нашата држава да ја украдат и нашата иднина. Секој ден, сѐ повеќе и повеќе граѓани и граѓанки излегуваа на улиците на Скопје, Битола, Струмица и други делови на Македонија,решително и во еден глас извикувајќи: „Нема правда, нема мир!“ Сплотени како никогаш досега, неуморно марширавме покажувајќи го својот револт кон злосторничкото здружение и кон нелегитимниот претседател, кој со аболиција срамно реши да ја лиши Македонија од правдата, вистината и од сатисфакцијата дека никој не е над законот и дека секој ќе одговара за стореното. Но, најтешкиот дел допрва следува! Во деновите кои се пред нас треба здружено да го кренеме гласот и да ѝ покажеме на корумпираната власт дека нема да дозволиме уште едно изигрување на интелигенцијата, уште едни недемократски избори и уште едно погазување на достоинството и волјата на народот во оваа држава“, објаснуваат организаторите.
Пишуваат дека вчера, недела, е ден што ќе го искористат за координирање и меѓусебно организирање, за од понеделник, уште помасовно и похрабро да ја пренесат нивната порака.
Во меѓувреме, дадоа целосна поддршка на нашите соборци во Битола, Велес и Вашингтон кои протестираа и вчера.
На улиците на Скопје се протестираше пет дена континуирано, беше демолирана Народната канцеларија на претседателот, беа приведени 14 лица, од кои само двајца заработија пријави. Се фрлаа јајца кон канцеларијата на Иванов, со боја се гаѓаше порта „Македонија“, на која се испишаа и некои пароли.
Протестите главно минуваа во мирна атмосфера.