Официјалната промоција на компактниот кросовер на Mercedes ќе се одржи во понеделник на автомобилскиот саем во Детроит. Со оглед на тоа дека поминаа нешто повеќе од три години од премиерата на овој модел на саемот во Франкфурт, компанијата сега реши да го освежи овој модел.
Пред официјалната промоција следната недела, Mercedes сега објави тизер за изгледот на освежениот GLA, на кој се гледаат дискретни промени на предниот дел на возилото. Тоа опфаќа изменети светла за магла, како и редизајнирана маска за ладилникот и браникот. Очекувањата се и дека задниот дел на автомобилот ќе добие мал редизајн, со нови стоп светла и рестилизиран браник.
Покрај тоа, Mercedes на купувачите ќе им понуди нови бои за надворешноста, како и нови алуминумски тркала.
Промените ќе бидат присутни и во внатрешноста на возилотo, вклучувајќи модернизиран мултимедијален систем, како и нов изглед за седиштата.
Повеќе детали се очекуваат како што се доближува промоцијата во Детроит, а деби пред европската публика ќе има на автомобилскиот саем во март во Женева.