Култура

Radioheadjazz! во Филхармонија на 30 ноември

21. ноември 2019 - 19:26 | А.С.

Следниот викенд, на 30 ноември во 20 часот, во Филхармонија на Република Северна Македонија ќе се одржи концертот Radioheadjazz!

Овој маестрален проект под наслов Radioheadjazz! ќе понуди уникатна содржина - џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“ - група која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот, група која донесе прогресивен, иновативен, моќен звук.

Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена, стои во најавата за настанот.

Зад диригентскиот пулт со Биг-Бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, ќе застане врвниот Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл.

Со овој проект, ЗЏМ ја проширува својата репертоарна политика, ги проширува естетските хоризонти, го збогатува својот музички израз и профил насочувајќи се кон една поинаква звучна патека.

Билетите по цена од 600 денари можат да се купат онлајн на mk.tickets и kupikartizase.mk, како и на билетарницата на Филхармонија.

Коментирај