Фудбал
Бурно трансфер лето за Несторовски, Трајковски и Димитриевски

Рајо и Палермо испаднаа, нашите репрезентативци ќе бараат нови клубови

14. мај 2019 - 15:28 | Кирил Зарински

Нашите фудбалски репрезентативци Илија Несторовски, Александар Трајковски и Столе Димитриевски ќе сакаат што побрзо да ја заборават оваа сезона, бидејќи нивните тимови испаднаа од лигите во кои се натпреваруваат. Сепак, тоа не значи дека тука е крајот за овие тројца фудбалери.

Очите на македонските фудбалски фанови летово ќе бидат вперени кон трансфер пазарот, кога неколку актуелни репрезентативци ќе бидат во потрага по нови клубови.

Репрезентативниот голман Столе Димитриевски сезонава беше полу-редовен во составот на Рајо Ваљекано во шпанската прва лига, каде одигра 20 натпревари и прими 33 гола. Рајо Ваљекано не успеа да обезбеди опстанок и наредната сезона се сели во Сегунда – второто по ранг натпреварување во Шпанија. Но, кумановецот Димитриевски остави добар впечаток и тренерот му вети место во стартниот состав доколку остане во клубот.

Столе веројатно ќе бара одредена амбиција од неговиот клуб, без разлика дали е тоа Рајо или пак некој друг клуб кој ќе покаже интерес за него. Доколку остане во Рајо Ваљекано, веројатно ќе има гарантирано место во стартниот состав, но дискутабилно е колку големи се шансите на клубот за враќање во првата лига. „Загреан“ за него е Реал Бетис – тим кој е стандарден прволигаш во Шпанија и со сигурност од наредната сезона ќе има нов голман.

Во Италија двајцата офанзивци од репрезентацијата, Илија Несторовски и Александар Трајковски, се изборија за плејоф за влез во Серија А, но италијанската федерација го казни нивниот клуб Палермо и наредната сезона тој ќе мора да игра во третата лига, Серија Ц. Палермо заврши на третата позиција во Серија Б, но финансиските малверзации на сопственикот Ѕампарини резултираа во испаѓање ранг подолу, наместо погоре, па сега двајцата македонски репрезентативци ќе мораат да бираат дали да останат во клубот или да направат трансфер во посилна лига.

Несторовски веќе неколку сезони е стандарден во стартниот состав на Палермо и сезонава ја носеше капитенската лента. За него постои интерес од Хајдук Сплит и Интер Запрешиќ, кои добро го познаваат напаѓачот од времето кога ги „полнеше“ мрежите во Хрватска. Тој има опции и да остане во Италија, каде што се шпекулира дека Фиорентина, Сасуоло и Џенова се подготвени да го донесат во своите редови.

Очигледно е дека Трајковски поседува квалитет да настапува во најсилната дивизија во некоја од европските лиги, па затоа е тешко да се претпостави дека тој ќе остане во Палермо, каде што платите ќе мора да бидат намалени поради тоа што клубот ќе оперира со многу помал буџет откако испадна во Серија Ц. Засега нема клубови кои се издвојуваат како фаворити за неговиот потпис, но тој веројатно ќе сака да ја продолжи кариерата во некој италијански клуб, по можност од првата лига.

Коментирај