Живот

Раката на исчезнат шкотски турист пронајдена во утробата на ајкула

8. ноември 2019 - 15:31 | Б.С.Б.

Исчезнат шкотски турист се смета за мртов откако во утробата на ајкула, уловена во водите на Индискиот Океан, е пронајдена неговата рака.

Станува збор за 44-годишен жител на Шкотска кој за последен пат е виден во текот на изминатиот викенд, додека нуркал кај францускиот остров Реунион, недалеку од Мадагаскар. Тој бил на одмор со сопругата.

Неговата рака, на која е најден прстен, е пронајдена во утробата на ајкула уловена за научни цели. Локален жител за BBC изјави дека мажот отишол на пливање и повторно не се вратил.

„Станува збор за дел кој е затворен со гребен. Тука се наоѓа многу мал премин, но сè е прилично добро заштитено. Неговата сопруга беше многу исплашена, го бараа со хеликоптери, авиони, беа ангажирани пливачи и бродови кои го бараа со денови. На крајот, пред неколку дена е уловена ајкула во чија утроба е пронајдена рака“, вели Мајкл Куекуеје.

Тој вели дека плажите се добро означени и дека туристите се предупредуваат на опасност од ајкули веднаш по пристигнување на аеродромот.

„Нападите од ајкули се чести, свесни сме за тоа и не се обидуваме да го скриеме тоа. На сите плажи каде не може да се плива се поставени знаци на предупредување“, вели Мајкл.

Ајкулата е пронајдена 7 километри од местото на кое човекот е виден за последен пат, не е познато дали се удавил па ајкулата го изела или е нападнат од ајкулата.

Годинава во близина на споменатиот француски остров се забележани два напада со ајкули кои имаат смртен исход.

Коментирај