КОН МЈУЗИКЛОТ „ МАММА МИА!“ ПОСТАВЕН НА СЦЕНАТА НА МНТ

[Рецензија] „Мамма миа!” – Ендорфински префинето

Првата помисла која не ме напушти, од почетокот сè до крајот, гледајќи го мјузиклот „Мамма миа!” беше дека луѓето се желни за веселба, за разонода низ песна, смеа и игра кои по дефиниција предизвикуват лачење на хормоните на среќа. Компресирано во еден збор, „Мамма миа!”! е - лежерност. Како тоа да е нешто што се случувало во некое далечно и подзаборавено минато, како рецепт за колачот што веќе никој не знае да го направи затоа што не е само да се стават сите потребни состојки, туку треба и да се стави во контекстот, во холограмот на едно временско постоење.

На почетокот не беше збор, туку – песна. Синкретичната уметност е првиот вид на уметност, иако во некој наш разговор со (режисерката) Наташа (Поплавска) си кажавме дека многумина од театарската фела мјузиклот го сметаат за кич. Не, драги мои читатели и гледачи, не може да е кич жанрот. Може да е кич изведбата, може да е кич режијата, да е кич костимографијата или сценографијата, па дури може да е кич и целата актерска игра. Не може цел еден жанр да прогласите за кич само затоа што тој не одговара на вашите преференци, или не одговара на вашите сетила, или на вашето рационално поимање за тоа што е уметност. Може да не го сакате жанрот, но тоа е избор на индивидуалниот вкус за тоа што сакате да видите на сцената и избор на личните доживувања кои имаат многу свои претходни параметри што влегуваат во равенството: поднебје,  опкружување и околности во кои сте растени, уметности (ако веќе ги имало) меѓу кои сте растени. Значи пред да прогласите нешто за „недостојно“ или „помалку вредно“ многу е важно пред себе да си одговорите: каде, со кого, на што и зошто сте го минале времето во главните процеси на/од животот.

Мјузиклот „Мамма миа!” е сосема различна естетика и поетика од мјузиклот „Чикаго“ (исто така во режија на Поплавска).

Се разликуваат во времето, во контекстот, во стилот, во музиката, во страста, во пораката што треба да биде пренесена. Единствената сличност е во тоа што и двата се лиценцирани мјузикли што подразбира дека при сценската поставка и изведба немаат можност за отстапки од нивните оригинали. Од аспект на гледач и музичар, не од аспект на рецензент, прво што ми недостигаше беше поголем музички состав и повеќе оркестрации. „Мамма миа!” заслужува поквалитетна музичка интерпретација, со „повеќе мадиња“, особено заради специфичноста на аналогните и синтисајзерски звуци што ако не се доловат во целост, звучат како свадбарска изведба. Сепак, одлуката за тоа на кој начин ќе се изведе музиката во лиценциран мјузикл од светски ранг не е на режисерот, туку е на продуцентот од кого се откупуваат правата за неговата изведба. Оттука и одлуката на сцената да има бенд надополнет само со придружни вокали. Познавајќи ја музичката сцена во Македонија само можам да заклучам дека избраниот бенд би требало да може да отсвири далеку подобро, односно повешто, поточно има(ме) музичари за кои тврдам дека подобро би ги отсвиреле класиците на ABBA.

Да позборуваме малку за кастингот на претставата. Сите пофалби кон режисерката Поплавска за соодветно одбраниот кастинг. Иако, некои актерки природно имаат многу подобри гласовни капацитети, сепак, не би биле соодветни за дадените улоги. Тоа е дарба, која независно од изгледот на секој актер и независно од неговото негување, некој ја поседува повеќе, некој помалку. Замислете си како би било актерката Арна Шијак, која има извонредни вокални и танцувачки капацитети, да биде ставена на местото на Билјана Драгиќевиќ - Пројковска?! Ќе има тон, но нема да ја има сликата. Од друга страна пак, Билјана Драгиќевиќ - Пројковска, која има послаби вокални капацитети е одлично избрана за улогата на Дона Шеридан (во филмот, Мерил Стрип), мајката на Софи (во филмот, Аманда Сејфрид). Исто така и актерката Јана Стојановска (во едната постава на „Мамма миа!”, бидејќи има две постави), во улогата на Софи, има подобри вокални капацитети во однос на актерката Нина Деан, која е во другата актерска екипа, а го игра истиот лик – Софи. Но, затоа пак, Нина Деан е пококетна и умее подобро да ја заведе публиката. Ако Јана успева да ги отпее песните музички поточно, Нина е пожизнерадосна, иако двете толку многу личат една на друга, што ако (не) носите очила и седите во последните редови веројатно и тешко би ги распознале. Тоа е само уште еден показател колку Поплавска е вешта во поделбата на улогите. Сите актери имаат покритие за нивните „слабости“ од придружните вокали Сара Николовска и Ана Костадиновска кои одлично ги надополнуваа онаму каде што имаа тешкотии да ги испејат мелодиите во соодветните тоналитети. Компаративно, за улогата на Скај, кого еднаш го игра Никола Наковски, а друг пат, Петар Стојанов, ќе речам дека помаркантен, похаризматичен и повпечатлив избор беше Никола Наковски, иако во прашање се нијанси и од изведба до изведба (оти секоја изведба е различна) овие тенки нијанси можат да се нивелираат.

Татковците на Софи, Сем Кармајкл, кого го игра Кире Ѓоревски, Бил Остин (Трајче Ѓоргиев) и  Хари Брајт (Владимир Јачев), кои се исто така, главни протагонисти, имаа варирачки гласовни т.е. вокално-солистички способности. Најдобро одигра и отпеа Трајче Ѓоргиев (Бил Остин), особено во нумерата со Тања Кочовска (Рози) која е неприкосновена во кабаретски изведби каде се очекува најсилна експресија помножена со сите актерски таленти, на квадрат со сета самоувереност на сцената.

Она што мене, лично, како писател, ми остави најголем впечаток беа препевите на оригиналните песни, односно нивно транспонирање (да се изразам пак во музички термини) од англиски јазик на македонски. Секоја чест за Тина Трпковска која успеала да ја сочува автентичноста на текстот, версификаторската точност, метриката и возбудливоста на препевот на секоја од песните. Како страствен уживател во мјузикли, а извлекувајќи проценка според моите аматерски обиди во кореодрамата, знам дека без добра коресподенција на главниот синкретичар-режисерот, кој ги влече сите конци, невозможно е да се дојде до вакви индивидуални решенија заради нивната комплексност. Како поет, најодговорно тврдам дека е многу е тешко, и честопати неблагодарно, да се направи препев на песна, а особено ако таа е проследена со музика, па освен што мора да се внимава на точноста на испратената порака од текстот, треба да се внимава и на метриката односно на ритамот на секој збор. Овде пофалбите ќе ги поделам и до корепетиторките, Сара Николовска и Ана Костадиновска, и повторно до режисерката Поплавска која, над сè, мора да ја поседува потребната доза музикалност за да може да го направи изборот. Сите заедно направиле изненадувачки прекрасни препеви.

Се изназборував за разните параметри на мјузиклот кој, всушност, воопшто не би постоел без кореографијата. Олга Панго, главната „виновничка“ за ендорфинската префинетост, која по фантастичната кореографија за „Чикаго“ со кого, буквално, ѝ го донесе Бродвеј на македонската театарска сцена, овој пат, со кореографијата на „Мамма миа!” само потврди дека Бродвејските мјузикли не се нешто недостижно и за нас, помалите. Со оглед на комплексноста и огромната ангажираност потребна за актерската игра, поделбата на пофалбите е упатена и кон нејзините помошнички, асистентките на кореографија Ирена Лозинска и Бојана Додевска. Поплавска, повторно, во одличен дослух со кореографката Панго и костимографката, Розе Трајческа, го спроведоа мјузиклот на театарската сцена, исто како на филмско платно.

„Мамма миа!” го гледав два пати, а и текстов го испишав во две верзии за да можам после многу проспани денови и ноќи, со временска дистанца од доживеаното и напишаното, да го препрочитам за да дојдам до некаков заклучок. Заклучувам: потенцијалниот гледач треба да е свесен дека секоја изведба се разликува една од друга, особено во ваков тип огромни, мега-тешки за подготовка, проекти кои бараат апсолутна спремност од секој еден актер. А фактот што актерот е човек и не е имун на факторите: време, енергија, расположение, проблеми, само му додава три оценки плус на секој и веќе одигран триумф. 

Поплавска покажа уште еднаш дека мјузиклот како жанр во Македонија не само што е возможен и одржлив туку е неопходен и треба да се негува како свилена буба.

Автор: Марта Маркоска

реклама

Тешка недела: Финансиски хороскоп за секој знак од 15 до 21 април

Read more

Со 11.100 км/ч за 1 час низ половина свет: Тестот беше успешен, доаѓа ракетен авион?

Read more

Зошто никогаш не треба да користите мобилен телефон додека сте во тоалет?

Read more

Топ 5 најдолговечни животни - некои живеат и илјадници години

Read more

Рецензии

КАЈГАНА рецензија: Зошто (не) треба да го гледате Leave the World Behind на Netflix?

Read more

КАЈГАНА ПРЕПОРАКА: Зошто треба да го гледате Barbie?

Read more

And Just Like That: Очајнички обид да се биде релевантен по „Сексот и градот“

Read more

Кон „ТМ“ на Димитријевиќ и Иванов: Подржи ми го егзистенцијалниот немир

Read more
 

Сцена

Топ 10 најпиратирани филмови на неделата

Читај повеќе

Анистон изненади со изгледот на насловна: Како толку се подмлади?

Читај повеќе
  • play_arrow
  • filter

Скарлет Јохансон и Ченинг Тејтум ве носат на Месечината во филм за настанот од 1969

Читај повеќе

Зошто HBO се откажа од спин-оф серијата за Џон Сноу?

Читај повеќе
  • play_arrow

Стигна првиот тизер трејлер за новиот Joker, обожавателите поделени

Читај повеќе
  • filter

Фаворитот за новиот Бонд се појави на црвениот тепих со 24 години постарата сопруга

Читај повеќе
  • play_arrow

Како Шакира се потруди никој да не дознае дека глумела во теленовела?

Читај повеќе
  • play_arrow

Топ 10 најпиратирани филмови на неделата

Читај повеќе

Саша Барон Коен и Исла Фишер се разведуваат по 13 години брак

Читај повеќе