Книги

Рецензија на книга: „Жена во црвено“- од Ејлин Гоуџ

25. август 2014 - 18:39 | Билјана Стефановска-Богоеска

Американската писателка Ејлин Гоуџ досега има објавено доста успешни книги, романи за млади и кратки раскази. Нејзиниот прв роман за возрасни „Градина на лагите“ (Garden of Lies, 1986 година) беше прогласен за бестселер според New York Times. Некои велат дека писателите се раѓаат, не дека се создаваат. Но, според Гоуџ, писателите се комбинација од двете, природниот талент е бескорисен доколку не се употребува и на него не се работи.

Романот „Жена во црвено“( Woman in Red) , во издание на Култура критиката го има оценето како една од најуспешните книги на Гоуџ. Книгата открива моќна приказна за љубовта на една мајка и силата со која таа се созема за да ги надмине сите тешкотии - смртта на синот, обидот за убиство на пијаниот возач кој го прегази детето, деветгодишното робување, разводот, отуѓувањето од помалиот син и осудата од луѓето кои цел живот ја познаваат.

Колку малку фали еден човек да загуби сè што со години создавал, својот дом, семејството, душевниот мир, а колку многу е потребно да се вложи за животот одново да се изгради. Мајчината болка не може да се опише со зборови, ниту пак да се замени со некаква утеха.

Главниот лик е Алис Кеслер, жена која минува девет години во затвор поради обид за убиство на пијаниот возач кој го прегази нејзиниот син. По девет години се враќа на Грејс Ајсленд за да се поврзе со Џереми, помалиот син и да го остави минатото зад себе.

Но, тоа не оди така лесно. Во текот на годините, човекот кој таа се обиде да го убие станал градоначалник, сега има уште поголема моќ од претходно и воопшто не му се допаѓа тоа што Алис е повторно во неговиот град.

Пресвртот се случува кога шеснаесетгодишниот Џереми ќе биде обвинет за силување на девојка. Тогаш Алис му се обраќа на единствениот човек во кого има доверба, човекот кој знае што значи загубата на сакано лице, човек кој страдал исто како неа. Тоа е младиот адвокат Колин МекГинти, кој исто како и Алис, се враќа на островот обидувајќи се да го заборави минатото и да создаде нов почеток.

Во книгата се раскажуваат две паралелни приказни, една за забранетата романса меѓу Еленор и Вилијам, бабата  на Алис и дедото на Колин, и другата за пријателството што се раѓа меѓу Колин и Алис.

Всушност, токму Вилијам го нацртал портретот на Еленор, „Жената во црвено“, портрет зад кој се крие страшна тајна. Но, токму тој портрет ќе создаде нов почеток во нивните животи.

Гоуџ има одлична техника на раскажување и нижење на настаните, мајсторски го префрла читателот од една приказна во друга, од едно време во друго. Романот открива семејна драма полна со тајни, мистерии и желби, скриени длабоко во срцето на секој лик. Откривањето на вистината ќе ја открие жртвата што секој од нив ја поднел за доброто на семејство и луѓето кои ги сакаат.

Коментирај