Рецензии
Се разбуди силата, се врати магијата

[Рецензија] „Star Wars The Force Awakens“: Маестрално будење на силата

17. декември 2015 - 14:36 | Ивана Милосковска

Во полна кино сала, исполнета со бројни Star Wars фанови чија возбуда речиси се мириса во воздухот, кога зборовите „Star Wars: The Force Awakens“се појавуваат на филмското платно во комбинација со маестралната музика на Џон Вилијамс, возбудата обзема и настапува целосно наежување – дури и да не сте најголем фан на култната франшиза нема да може да одолеете. Уште во првите неколку минути од филмот, сфаќате дека ќе гледате дело во духот на старите филмови од франшизата и нешто што ќе ја врати магијата на „Star Wars“.

Она што прво се забележува во филмот е кинематографијата и прецизно доловената атмосфера на оригиналната трилогија, особено првиот филм, „A New Hope“. Филмот изобилува со одлични борбени сцени во вселената и на планетите, чии визуелни ефекти се совршени, но не претерани, со што одлично се вклопуваат во целиот филм и универзумот во кој е сместен.

Седмиот по ред филм во култната франшиза е сместен 30 години по настаните во првата трилогија на Џорџ Лукас, и во истиот гледаме што се случило со овој фиктивен универзум што го знаеме и сакаме, како и добропознатите херои, истовремено запознавајќи се со неколку нови ликови: Реј (Дејзи Ридли), Фин (Џон Бојега) и По Дамерон (Оскар Ајзак), Кајло Рен (Адам Драјвер) и ББ8 роботчето. 

На тема новите ликови, може да се каже само едно: филмот има феноменален кастинг. Актерите одлично ги оживуваат ликовите, кои се напишани на начин што ќе ве натера да се загрижите за нив, да ги засакате, да ги замразите. Интересно е тоа што во филм каде што ги има ликовите како Хан Соло, Леа и Лук, Реј и Фин успеваат да се издвојат како вистинските ѕвезди на филмот, а Кајло Реј како незаборавен негативец со гневни психопатски нагони, чија приказна раѓа различни емоции кај гледачот.

Долго време се чекаше „херојот“ што ќе направи нов „Star Wars“ филм, верен на маестралната прва трилогија, и по ужасните приквел-приказни (новата трилогија), веста дека ќе се снима нов филм наиде на негодување од страна на големите фанови – страв дека ќе се направи уште еден производ само за профит што ќе се продава само поради фактот што го носи насловот „Star Wars“. И сега, по искусување на проекцијата што започна со доза скептицизам, може да кажеме дека Џ.Џ. Абрамс успеа да го направи продолжението што  фановите го бараа, а првата „Star Wars“ трилогија го заслужуваше. 

Но кога се зафати за проектот, Абрамс беше свесен за овој ризик – и тој лично е огромен фан на „Star Wars“ кој, како многумина од нас, пораснал со овие филмови, на кои сакаше да остане верен и близок. Па можеби затоа во голем дел од филмот играл на сигурно користејќи ја добитната формула: копирајќи сцени, рециклирајќи реплики и заплети од старите филмови -  дури и приказната делуваше позната и слична, како некој ремикс на првиот филм. 

Приказната содржи неколку важни моменти што ќе ве натераат да скокнете од столчето, а повеќе што предизвикуваат смеа и изнудуваат аплауз од публиката која ужива во блокбастерот  на годината. Иако се заокружи ова поглавје од приказната, останаа доста прашања неодговорени, а со тоа и простор за нови продолженија што ќе продолжат да ја раскажуваат оваа епска приказна. 

Сепак, возбудата и хајпот што владеше околу „Star Wars: The Force Awakens“ периодов, е сосема на место – не добиваме ново продолжение од најкултната филмска сага секој ден. Верувајте, сета возбуда и исчекување на овој филм, вредеше и се исплатеше, за после толку години да добиеме еден добар производ, што може слободно да го наречеме најдобриот филм за оваа година. 

Со „Star Wars The Force Awakens“ се разбуди силата, и се врати магијата на она што значи „Star Wars“: научно фантастичен филмски еп исполнет со спектакуларни ефекти, моќни битки и дијалози, возбудливи и смешни моменти, мистицизам, емоции и душа – филмски производ што не смеете да го пропуштите.

Оцена: 8,5/10

Loading the player...

 

Коментирај