Вести

Редок антисоцијален пингвин со жолти очи е Птица на годината за 2019

12. ноември 2019 - 13:05 | А.С.

Загрозениот вид пингвин со жолти очи ја освои престижната награда Птица на годината што се доделува во Нов Зеланд.

По две недели интензивна кампања, пингвинот хоихо ги победи петте ривали и стана првиот пингвин што ја освоил наградата во изминативе 14 години откако се доделува.

Во копнениот дел на Нов Зеланд се останати само 225 двојки од видот хоихо, кој се смета за најредок во светот.

Експертите велат дека хоихо пингвините се антисоцијални птици кои комуницираат со крици со висок тоналитет.

Пингвинот освои 12.2022 гласови од вкупно 43.469 поднесени и потврдени гласови, рекоа организаторите на натпреварот од групата за зачувување на живиот свет Forest & Bird.

Изборот Птица на годината е важен настан во Нов Зеланд, бидејќи целта е да се крене свеста за зачувувањето на животната средина и уште поитно – заштитување на загрозените видови од истребување.

Премиерката Џасинда Ардерн го спомна изборот во нејзиното неделно обраќање.

„Морам да му честитам на победникот со оглед на тоа дека е првата морска птица што ја добила оваа врвна награда“, рече таа вчера.

Претходни победници се кереру, вид на гулаб, во 2018 година и кеа, подвид на голем папагал, во 2017.

Пингвинот хоихо има бледожолти пердуви на главата. Просечната големина на возрасна единка е околу 65 сантиметри во висина и околу 5 килограми тежина.

Овие птици се генерално антисоцијални и тивки, освен кога се парат, кога испуштаат остри крескања. Експертите предупредуваат дека овој редок вид пингвин е во опасност од истребување ако не се преземат мерки за спасување и зачувување на неговата природна животна средина.

Најголеми закани за опстанокот на хоихо пингвините се затоплувањето на океаните, што ја намалува достапноста до храна, топењето на мразот, заплеткувањето во рибарски мрежи и вознемирувањето на нивната животна средина од луѓето и нивните активности, велат од Forest & Bird.

 

Коментирај