Фудбал

Рекордерот по голови е сигурен: Роналдо ќе ме престигне

18. октомври 2019 - 14:39 | Ф.З.

Иранскиот бомбардер Али Даји сѐ уште е на врвот по бројот на постигнати репрезентативни голови, но вели дека деновите му се избројани бидејќи Кристијано Ронално ќе го надмине.

„Многу сум горд на овој светски рекорд, а мислам дека истото важи и за целиот ирански народ. Среќен сум за она што го постигнав во мојата кариера. Всушност, рекордот не ми припаѓа само на мене, туку на сите мои соиграчи“, вели Даји во интервју за La Gazzetta dello Sport.

Али Даји од 1993 до 2006 ги бранеше боите на Иран притоа настапувајќи на 149 официјални натпревари на кои постигна 109 голови. Тој е единствениот кој стигнал до бројката од 100 голови во националниот дрес. 

„Сите рекорди се направени за да бидат срушени. Ќе се случи и ќе биде праведно: задоволен сум што ќе ме надмине еден толку голем фудбалер. Тој многу ми се допаѓа и посебно начинот на кој се движи на терен. Сега го достигна максимумот на неговата форма, а јас го сметам во топ 3 на сите времиња. Можам само да му посакам сѐ најдобро“.

Прашање е на време кога Кристијано Роналдо ќе ја надмине иранската легенда. Сега им 95 голови, 14 помалку од Даји.

„На својата репрезентација ѝ даде многу повеќе отколку Меси на Аргентина. Затоа мислам дека од нив двајцата само Роналдо ќе успее да ме престигне“.

Меси е сепак далеку со 68 репрезентативни погодоци. Од активните играчи во игра е и индискиот напаѓач Сунил Четри со 72 гола, но со оглед на неговите 35 години тешпко е за верување дека ќе направи нешто. Нејмар со 27 години и 61 гол би можел еден ден да се најде на врвот.

Листата на топ 10 најдобри репрезентативни стрелци изгледа вака:

1. Али Даји (Иран) 109 / 149 (1993-2006)
2. Кристијано Роналдо (Португалија) 95 / 162 (2003-)
3. Ференц Пушкаш (Унгарија) 84 / 85 (1945-1956)
4. Кунишиге Камамото (Јапонија) 80 / 84 (1964-1977)
5. Годфри Читалу (Замбија) 79 / 111 (1968-1980)
6. Хусеин Саид (Ирак) 78 / 137 (1977-1990)
7. Пеле (Бразил) 77 / 92 (1957-1971)
8. Шандор Кочиш (Унгарија) 75 / 68 (1948-1956)
8. Башар Албулах (Кувајт) 75 / 134 (1996-2007)
10. Сунил Четри (Индија) 72 / 113 (2005-)

Од активните на листата се наоѓаат и:
18. Лионел Меси (Аргентина) 68 / 136 (2005-)
26. Нејмар (Бразил) 61 / 101 (2010-)
28. Давид Виља (Шпанија) 59 / 98 (2005-)
30. Един Џеко (Босна и Херцеговина) 58 / 105 (2007-)
30. Луис Суарес 58 / 111 (2007-)

Коментирај