Русија денеска соопшти дека планира да одржи вежби кои симулираат употреба на нуклеарно оружје во близина на границата со Украина, наречено и тактичко нуклеарно оружје, пренесува CBS.
Најавата на Русија дојде пред инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин за петти мандат и неколку дена пред Москва да го прослави Денот на победата, најважниот секуларен празник во Русија, во чест на нејзината победа над нацистичка Германија во Втората светска војна.
„Вежбите се одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни претставници во однос на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Ова е првпат Русија јавно да најави вежби со користење на тактичко нуклеарно оружје, иако нејзините стратешки нуклеарни сили редовно одржуваат такви вежби.
Тактичкото нуклеарно оружје вклучува воздушни бомби, ракетни боеви глави со краток дострел и артилериска муниција и е наменето за употреба на бојното поле. Тие се помалку моќни од масивните боеви глави кои носат интерконтинентални балистички ракети, наменети да уништат цели градови.
Најавата на Русија е предупредување до западните сојузници на Украина да не се впуштаат повеќе во двегодишната војна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и некои од неговите западни партнери предупредија дека ако Русија не биде запрена, конфликтот може да се прелее надвор од Украина во војна меѓу НАТО и Русија.
Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела повтори дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина, а британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека силите на Киев ќе можат да користат британско оружје со долг дострел за да нападнат цели во Русија. Некои други земји од НАТО кои доставуваат оружје за Киев ја отфрлија оваа можност.
Кремљ ги означи коментарите како опасни, зголемувајќи ги тензиите меѓу Русија и НАТО. Војната веќе значително ги затегна односите меѓу Москва и Западот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека неодамнешната изјава на Макрон и другите забелешки на британските и американските официјални лица ги поттикнале нуклеарните вежби.
„Тоа е нова рунда на ескалација. Тоа е без преседан и бара посебно внимание и посебни мерки“, ги коментираше Песков изјавите на западните сојузници на Украина, пишува CBS.
„Коментарите на Макрон и Камерон би можеле да го турнат нуклеарно вооружениот свет кон глобална катастрофа“, изјави Дмитриј Медведев, заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност, со кој претседава Путин.
Објавата на Русија не предизвика големи реакции во Украина. Портпаролот на воената разузнавачка агенција Андриј Јусов на националната телевизија изјави дека „нуклеарната уцена е вообичаена практика на режимот на Путин“. „Тоа не е новост“, коментира Јусов.
Вашингтон реагираше со слична ноншалантност, при што портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, им рече на новинарите дека тоа е „уште еден пример за неодговорна реторика од Русија“ и истакна дека американските власти не забележале никакви промени во руските стратешки нуклеарни сили, мислејќи на нејзините интерконтинентални балистички ракети.
Западните власти ја обвинија Русија за закана за поширока војна преку провокативни дејства. Земјите на НАТО минатата недела изјавија дека се длабоко загрижени од кампањата на хибридни активности на тлото на воената алијанса, обвинувајќи ја Москва дека стои зад нив и велејќи дека тие претставуваат безбедносна закана.
Песков ги отфрли овие тврдења како „нови неосновани обвинувања насочени кон Русија“.