Свет

Руски сериски убиец признал повеќе од 80 убиства

10. јануари 2017 - 20:17 | Макфакс

Поранешен полицаец, осуден на доживотен затвор поради убиство на 22 жени во источен Сибир, обвинет за уште 47 убиства, сега дал признание за 59 жртви.

Во јануари 2015 година поранешниот полицаец Михаил Попков бил осуден на доживотна затворска казна поради убиството на 22 локални жителки и нанесување тешки телесни повреди на уште две жртви при обид за убиство. Злосторствата биле извршени во периодот меѓу 1994 и 2000 година, а телата на жените во местото Ангарск кои исчезнувале ноќе, подоцна биле пронаоѓани во различни делови на Иркутската област. Осомничениот бил идентификуван дури во 2012 година.

Во рамките на истрагата за овие мистериозни масовни убиства властите од неколку области во кои биле наоѓани телата со траги од насилна смрт разговарале, проверувале и тестирале повеќе од 30 илјади луѓе.

Во неколку случаи на местата на коишто биле најдени телата, биле откриени траги од гуми на возило од типот „нива“, па истрагата ги проверувала сите сопственици на вакво возило во регионот. Така всушност и било влезено во трагата на убиецот, кој во 1998 година дал отказ од службата во полицијата.

Потоа било откриено дека осудениот може да е одговорен за уште најмалку 20 случаи на нерасветлени убиства. Според државното обвинителство, полицаецот манијак, како што го нарекуваат некои руски медиум, за тоа му зборувал на друг затвореник со кој бил во иста ќелија.

Првично Попков, кога во 2012 година бил уапсен во Владивосток признал само три убиства, но иследниците успеале да дојдат до докази и за други негови злосторства. По изрекувањето на пресудата, мажот признал и други убиства.

Попков досега дал признание за вкупно 81 убиства. За споредба, осудениот масовен убиец Андреј Чикатило од Русија извршил 53 убиства.

Коментирај