Семејството на Жил Бјанки ја тужи ФИА, Формула 1 и екипата на Марусија, поради несреќата која се случи на трката за Големата награда на Јапонија, во која смртно страдаше младиот француски возач.
Жил Бјанки, почина во јули минатата година, откако девет месеци беше во кома по тешките повреди на главата здобиени во несреќата на патеката во Сузука. Трагичниот инцидент се случи кога Бјанки управувајќи го болидот на Марусија, со голема брзина излета од патеката и удри во кранот кој го отстрануваше возилото на Адријан Зутил.
Официјалниот извештај кој ФИА го објави неколку месеци по несреќата ги ослободи од вината челниците на Формула 1. Сепак, семејството на Бјанки по неколкумесечни консултации реши да покрене тужба против ФИА, Формула 1 и тимот на Марусија.
Семејството верува дека биле направени грешки во „планирањето, организацијата и спроведувањето на трката“, бидејќи како што тврдат трката е одржана во опасни временски услови за време на сезоната на тајфуни во Јапонија.
„Смртта на Жил Бјанки можеше да биде избегната“, рекол еден од адвокатите на семејството Бајнки, Џулијан Чембрлејн.
Таткото на починатиот возач, Филип Бјанки, смета дека семејството бара правда и сака да биде утврдена вистината за одлуките кои биле носени во текот на трката, а кои придонеле неговиот син да го загуби животот.
Жил Бјанки почина на 17. јули минатата година, девет месеци по несреќата на трката во Сузука. Младиот француски возач беше првиот пилот во Формула 1кој по повеќе од две децении, починал од повреди со кои се здобил за време на трка.