Холаѓанецот се шегуваше со Кристијано Роналдо за Златната топка, но неговата сестра тоа не го сфати, па го нападна.
Синоќа во Париз беше изборот за Златната топка во кој Кристијано Роналдо не влезе ни меѓу првите тројца. Според многумина, кандидатот број еден беше Вирхил ван Дајк кој сепак заврши втор, зад Лео Меси. Токму Ван Дајк имаше мала шега кон Кристијано Роналдо во едно интервју пред прогласувањето на победникот.
Новинарот го праша: „Без CR7 ќе имаш еден конкурент помалку за Златната Топка?“
На што Ван Дајк одговори: „А чекај, зар Кристијано Роналдо ми беше конкурент?“
Тоа многу сериозно го сфати Катја Авејру, сестрата на Роналдо, која реши преку Instagram да му се реваншира на Ван Дајк.
„Постојат исфрустрирани лучности кои живеат надвор од реалноста и немаат почит. Драг Вергилиј (прво така го нарекува), каде одиш? Кристијано Роналдо таму веќе отиде и се врати илјадапати... Види, драг мој Вирхил, Кристијано триумфираше трипати во земјата каде што играш со години, таму беше најдобар играч и стрелец, додека ти сѐ уште не си ја освоил ни Премиер лигата. Кога го направи тоа дури и беше помал од тебе. Епа, драг Вирхил, Кристијано отиде и во други земји и стана најдобриот играч во историјата на еден „мал“ клуб: Реал Мадрид, ти кажува тоа нешто? Можеби, бидејќи те победи во едно финале од Лигата на шампиони. Такви трофеи Роналдо има 5. Роналдо го смачка и твојот „портокал“ во финале (мисли на финалето од Лигата на нации). Дали ти е тешко, Вирхил? Имаме милост... Сепак, драг Вирхил, во еден сушен период во својата кариера, Кристијано пак има повеќе титули освоено отколку ти. Неверојатно, нели? Значи, Вирхил, треба да освојуваш титули кои навистина вредат, па потоа ќе зборуваме. Кога ќе собереш едно купче, ама навистина вредни, тогаш ќе може да седиш на иста маса со Кристијано“.
Инаку, Ван Дајк веќе ја имаше објаснето таа изјва за која се фати сестрата на Роналдо.
„Доколку не ги следите социјалните мрежи и го слушавте целосното интервју, тогаш ќе знаевте дека се шегував... И дека имам само почит за нив двајца“.
За волја на вистината, на интерет се рашири само исеченото парче од неговото интервју каде е целосно извадена од контекст изјавата и делува дека навистина го омаловажува Роналдо.