Бизнис

Шефот на BMW до Борис Џонсон: Слушај ги бизнисите

1. август 2019 - 18:57 | А.С.

Главниот извршен директор на германскиот автомобилски гигант BMW се понуди лично да отиде до Лондон за да му пренесе порака на британскиот премиер: Слушај ги бизнисите.

Харалд Кригер го повика Борис Џонсон да одговори на повиците на бизнисите да се најде компромис за Брегзит.

Тој го изјави ова во време кога BMW пријави опаднат профит поради инвестициите во електрични возила и додаде дека сите губат во сценариото за Брегзит без договор.

Компанијата BMW претходно предупреди дека во случај на Брегзит без договор ќе биде приморана да престане да го произведува моделот Mini во фабриката во Коули во близина на Оксфорд, со што се ризикува укинување на 4.500 работни места и прекин на повеќе од 100 години производство на автомобили во оваа фабрика.

На прашањето дали има лична порака до британскиот премиер, кој наиде на остри критики поради наводниот коментар „Кој ги е*е бизнисите“, Кригер го повика Џонсон да најде компромис и да одбегне Брегзит на потешкиот начин.

„Слушај го стопанството и слушај го народот. Мора да имаш дијалог со бизнисите“, рече Кригер.

Коментарите на Кригер ги поткопуваат тврдењата на Џонсон дека германските автомобилски произвдители ќе вршат притисок на ЕУ да даде предност на ситуација без договор во која извозот се тарифира.

Велика Британија е најголем извозен пазар за германската автомобилска индустрија и таму завршува една петтина од нејзиното производство.

Интервенцијата на BMW во дебатата за Брегзит го вклучува германскиот гигант во долгата низа производители на автомобили кои предупредуваат за влијанието на Брегзит врз автомобилската индустрија во Велика Британија каде работат 850.000 луѓе.

BMW пријави раст на продажбата од 1,5% на 647.500 возила во вториот квартал од годината, иако нето профитот опадна за 29% на 1,48 милијарди евра бидејќи компанијата сериозно вложува во електрични автомобили.

Статистичките податоци објавени неделава покажуваат дека инвестициите во британската автомобилска индустрија се речиси запрени поради стравувањата околу Брегзит, со „бедни“ 90 милиони фунти инвестирани во првите шест месеци од годината.

Пред да се надвисне темниот облак наречен Брегзит, инвестициите во автомобилската индустрија се движеа меѓу 2,5 и 2,7 милијарди фунти годишно.

Коментирај