Живот

Шест едноставни начини да ја одржите свежината на храната

4. февруари 2015 - 18:17 | И.М.

Сигурно често се случува некое парче овошје или зеленчук брзо да омекне дури и да скапе, во фрижидерот или надвор од него. Постојат неколку едноставни работи што може да ги направите, за да не ја фрлате храната прерано, непотребно.

1. Банани

За да го спречите првенствено менувањето на бојата на бананите од жолта во кафена, а потоа скапување, треба да направите една едноставна работа. Делот кај рачките завиткајте го со најлонска обвивка - ова е местото преку кое влегува воздухот и предизвикува побрзо скапување на бананата.

 

2. Целер и сличен зеленчук

Ако целерот, празот и сличниот зеленчук, стануваат за кратко време меки и влажи тоа значи дека не ги чувате правилно. Обвиткајте ги убаво со алуминиумска фолија и така ставете ги во фрижидерот. Фолијата ќе ја одржи свежината и цврстината на ваквиот зеленчук.

3. Кафе

Без разлика дали е смелено или не, за да го одржите мирисот и свежината на кафето не го чувајте во ќесичката во која доаѓа. Наместо тоа, ставете го во тегличка или било каков стаклен сад што ќе спречи влегување на воздух, а со тоа и губење на свежината на кафето.

4. Кромид и домати

Кромидот, како и доматите не ги чувајте во фрижидер, туку на некоја полица во кујната и подалеку од сонце. Вака ќе им дозволите да „дишат“ и да не примаат влажност од фрижидерот.

5. Леб

Ако сакате лебот да биде крцкав однадвор а мек одвнатре, не го чувајте во најлонска ќеса. Доколку немате специјална кутија за леб, завиткајте го во хартиена, бакалска ќеса, за да ја задржите свежината.

6. Краставици

Кога станува збор за краставиците, добро е да ги чувате надвор од фрижидер но никогаш до доматите. Гасот етилен што го има во доматите предизвикува побрзо скапување на краставици.

Коментирај