Наука

Што би се случило со телото на човек што ќе почине на Марс?

15. декември 2016 - 10:23 | Д.П.

Порталот Atlas Obscura пишува дека постои голема можност на Земјата веќе да живее човек, што еден ден ќе стане првата личност што ќе почине на Марс.

Приватната компанија Mars One очекува дека првите патници што ќе одат на Црвената планета ќе бидат патници во една насока кои таму ќе останат до крајот на животот.

Слично мислење има и Илон Маск кој вечи дека не би имал проблем да го помине остатокот од животот на Марс. Неговата компанија Space X, работи на повратни мисии до оваа планета, но сепак порачува дека сите што ќе прифатат да одат на таква мисија ќе мораат да бидат свесни за големата можност никогаш да не се вратат.

Сепак, досега само тројца луѓе починале во вселената. Тоа биле тројцата космонаути на мисијата Сојуз 11 кои починале откако нивната капсула на височина од околу 160 километри, драстично почнала да губи притисок. Но, засега никој не е погребан или кремиран во вселената.

Дилемата е што би се случило со телото што би било погребано во вселената?

Прво, тоа би се одржало многу долго, првенствено поради недостатокот на микроорганизми кои го поттикнуваат распадот на телото на Земјата. Поради ниските температури на Марс, телото би замрзнувало, па дури ни сопствените бактерии не би можеле да делуваат или пак нивниот процес би бил многу долг.

Она што би поттикнало распаѓање на телото е радијацијата за која се претпоставува дека ја стерилизирала површината на Марс.

Претпоставките се дека сите тие процеси би траеле многу долго, па возможно е дека дури и по 100 милиони години, се уште би останале коските.

Сепак, ако телото е закопано во земјата на Марс, тоа би било заштитено и од радијацијата. Од друга страна кремирањето е исклучено како опција, бидејќи бара многу енергија и кислород, кои пак се важни ресурси за преживување.

Една опција е и рециклирање на телото, но биоетичарите ја исклучуваат таа можност.

Иако Mars One нема планови за справување со овој дел од животот на Марс, НАСА сепак размислува за тоа. Астронаутот Крис Хадфилд објаснува дека постои посебна група која работи на решавањето на некои од практичните проблеми како - колку брзо би се распаднало телото, како ќе се справуваат со непријатните мириси, на кој начин ќе биде известена фамилијата на починатиот, и како би реагирала канцеларијата за односи со јавност.

 

Коментирај