Книги

Што мисли Боб Дилан за Нобеловата награда за литература?

29. октомври 2016 - 12:33 | Kајгана/Макфакс

Американскиот поет, кантавтор и композитор Боб Дилан, првпат по две седмици откако беше објавено дека е добитник на годинешната престижна Нобелова награда за литература, се огласи дека објавата од 13 октомври го „оставила без зборови“. Тој потврди дека ќе ја прими награда.

Боб Дилан е првиот музичар кој ја примил оваа престижна награда. Изборот на Нобеловиот комитет за доделување на наградите предизвика контроверзии во литературните кругови во светот, и многумина јавно се изјаснија дека наградата треба да му припадне на писател на книги, а не на автор на песни.

Молчењето на Дилан за добивањето на најпрестижното светско признание, исто така, беше силно критикувано, а членовите на Шведската академија го нарекоа „арогантен“. Академијата порача дека, откако пет дена по објавувањето на името на лауреатот безуспешно се обидувале да стапат во контакт со него, за лично да го известат дека ја добил наградата – се откажале.

Но, Дилан претходно седмицава ѝ се јавил на постојаната секретарка на Шведската академија, Сара Даниус, објавија од Академијата.

„Дали ќе ја примам наградата? Секако. Веста за добивањето на Нобеловата награда ме остави без зборови. Многу сум почестен од наградата“, изјавил Дилан

Веста за конечниот прекин на молкот по доделувањето на наградата дојде истовремено со објавувањето на интервјуто на Дилан за британскиот весник The Telegraph. Во разговорот тој потврдува дека „апсолутно“ ќе присуствува на свеченото доделување „доколку тоа биде можно“.

Славниот уметник вели во разговорот со новинарката Една Гандерсон дека е  неверојатно да се прими оваа награда.

„Кој воопшто би сонувал за тоа?“, вели Дилан.

Коментирај