Здравје

Што навистина ќе се случи ако изедете мувла?

9. јануари 2017 - 14:20 | Кајгана

Ненамерното јадење на парче мувлосана храна може да го претвори „ај да ги изедам остатоциве за да не ги фрлам” во „да ти'бам, добив труење од храна”, но колку навистина е опасна мувлата и што може да се случи?

Краткиот одговор е: не, веројатно нема да умрете доколку изедете мувла. Ќе ја сварите како и другата храна и доколку имате релативно здрав умунолошки систем, најверојатно ќе почувствувате гадење или ќе повраќате. Дефинитивно, мувлата не е добра за вас, а доколку сте алергични на мувла, може да добиете непријатни симптоми, вклучувајќи и иритација на очите, носот и грлото.

Мувлата која се формира во лебот, вообичаено не е многу опасна, иако постојат мувли кои се сериозно опасни за вашето здравје. Некои од нив произведуваат токсични супстанци познати како микотоксини, а најгадниот од нив (афлатоксинот) може да предизвика и рак. Обично се формира кај зрнести и јаткасти плодови, па „обичната” мувла во кујната веројатно не е поврзана со афлатоксини.

Па зарем не можам само да ја отсечам мувлата?

Можеби на некого ќе му биде примамлива идејата едноставно да го сецне парчето кај што е мувлата за да не ја фрли целата храна (или пари), но нема гаранција дека ќе ја отстрани целосно габичната инфекција со овој потег. Мувлата може да навлезе длабоко во храната, па отстранувањето само на деловите на кои е видлива мувлата нема да е од корист. 

Абе ако го потпечам лебот, нема ли да ја убијам мувлата?

Веројатно нема. Иако технички, со изложување на високи температури би требало. Заебанцијата е што веројатно нема да ги постигнете тие температури, без да го изгорите целосно лебот. Дури и тогаш, нема гаранција. Едноставно, купете си свеж леб.

А што е со мувлосаното сирење?

Некои сирења имаат култури на мувла намерно додадени во нив, но овие специфични мувли не се во состојба да произведат микотоксини. За разлика од овие сирења, обичните сирења кај кои е присутна мувла треба да завршат во ѓубре.

Како да спречам да се формира мувла?

Покријте ја храната во фрижидерот со пластична обвивка или во пластичен сад со капаче. Остатоците од храна никако не ги чувајте повеќе од четири дена, а расипливата храна не ја оставајте повеќе од два часа. 

Коментирај