Рекреација
Вежбањето и вашите очекувања

Што знаете за спортската физиологија?

21. октомври 2011 - 12:27 |

Кај вежбањето, најважна е издржливоста, а врз тоа најмногу влијаат нашите очекувања и нивното исполнување или разочарување. Со таа цел, за да не поставувате нереални очекувања од вашиот тренинг и да не се демотивирате, потребно е да ја знаете физиологијата и начинот на функционирање на вашето тело.

Што е физиологија?

Хуманата физиологија е медицинска дисциплина која се занимава со нормалната механичка, физичка и биохемиска функција на човечкото тело. Таа го изучува нормалното функционирање на органите и клетките од кои се изградени, функцијата на сите животни процеси како дишењето, исхраната, движењето(на што подолу во текстот и ќе се задржиме), репродукцијата и секако стареењето. Вака дефинирана, физиологијата во служба на вежбањето може да ве наведе дека за подобро функционирање на сите животни процеси, од дишењето и јадењето,  преку репродукцијата и спречување на предвремено стареење, најдобро е да се рекреирате! И секако нема да погрешите!

За да ви ја доближам важноста на овие науки, ќе напоменам дека меѓу сите други специјалности и субспецијалности во медицината, како кардиологија, инфектологија, офталмологија, гинекологија итн, постои и специјалност по спортска медицина. Освен за докторите, овие две научни области се од исклучителна важност за сите професии кои се тесно поврзани со функцијата и движењето на човечкото тело. Тука спаѓаат спортски тренери, физиотерапевти, кинезиолози и сл.

Зошто е важно да знаеме како функционира нашето тело?

Основните познавања за тоа како е изградено и како функционира нашето тело, барем мускулно-скелетниот систем, го олеснуваат секој пристап во креирањето на спортските тренинзи од секаков тип(професионален и рекреативен). Секако дека правилно концептираниот тренинг е во корелација со посакуваните резултати.

Не сакам да ви наметнам едно „класично"предавање по физиологија, но од  моето повеќегодишно искуство како инструктор, можам да заклучам дека кога луѓето се свесни за тоа како функционира телото имаат и пореални очекувања и помали разочарувања. Ќе се сложите со мене, полесно е да се информирате(секако не треба да подготвите колоквиум по предметот физиологија) :), отколку да се прашувате зошто изостануваат очекуваните резултати. Не можете да си поставите одредени цели, што со речникот на рекретаивците би значело „сакам за 2 месеца плочки на стомачните мускули" или “сакам да го затегнам задникот како на Бијонсе" или “сакам до крај на месецов да трчам по 10км", без да имате барем основно познавање дали тоа е воопшто  возможно.

Со јака волја и правилно избран тренинг, и секако во разумен временски рок, можно е да ја дефинирате и затегнете мускулатурата, да ја зголемите кардиоваскуларната кондиција, но не и без да знаете како функционира вашето тело. Вежбањето претставува еден од стресовите на највисоко ниво, на кој може телото да биде изложено. Секако, терминот "стрес" во овој контекст подразбира зголемена метаболична активност на целиот организам под дејство на физичка активност. Нашето тело функционира по одредени физиолошки закони и доколку сакаме некакви резултати и при тоа да не се повредиме, треба да ги почитуваме.

Како изгледа правилниот тренинг?

Многу често се случува вежбачите, и покрај советите на инструкторите, да доаѓаат подоцна на тренингот и да го пропуштат загревањето, што претставува шок за мускулите кои треба да ги ангажирате подоцна, или пак го напуштаат тренингот без да се истегнат. Да не набројувам за случаите кога влегуваат на кардио-тренинг и се исцрпуваат до последните атоми на енергија, водејќи се со мисла "што повеќе тоа, тоа подобро". Резултат на вакво однесување се акутни воспалителни процеси на мускулите, истегнувања на лигаменти, тетиви и слични повреди, изнемоштеност на срцето и подоцна секако, отсуство од тренинг!

Мотото "ПОЧИТУВАЈТЕ ГО СВОЕТО ТЕЛО, ВЕЖБАЈТЕ", јас би го дообјаснила со вежбајте, но ПОЧИТУВАЈЌИ го своето тело. Да, можеби мала игра на зборови за еден текст, но огромна разлика во пристапот за еден тренинг!

Како реагира вашето тело при вежбањето?

Без разлика со каков спорт се рекреирате, основните системи (меѓу многуте други) кои ги проучува спортската физиологија се мускулниот и кардиоваскуларниот систем.

Мускулниот систем во човечкото тело се состои повеќе од 600 мускули. Тие се разликуваат по локацијата, функцијата, структурата и начинот на контракција. За вежбањето, најзначајни се скелетните мускули, што го покриваат целиот скелет и се делат на големи мускулни групи на екстремитетите и торзото, главата и вратот. Скелетните мускули се единствени мускули кои можеме да ги движиме по наша волја. Основната карактеристика на скелетните мускули е способноста за контрахирање, што доведува до скратување на нивната должина. За изведувањето на една контракција вклучени се и останати телесни структури како тетиви, лигаменти и зглобови, без кое едно движење не може да се замисли. Тетивите се структурни единици кои се поврзуваат со мускулите и овозможуваат движење при контракција, додека пак, лигаментите ги поврзуваат мускулите со коските.

Овој сложен систем мускул-тетива-лигамент-коска-зглоб, пред да го изложите на стрес (трчање, дигање тежина, возење велосипед, импакт вежби и сè останато) мора адекватно да го подготвите. А, секако истото важи и по завршување на стресната состојба(вежбањето) - треба да го вратите во првобитна состојба со адекватно ладење т.е. истегнување.

Мускулите се комплементарни едни на други, што значи дека ако едниот се контрахира при едно движење, друг со кој е поврзан се истегнува. Пример, за да ја свиткате подлактницата, бицепсот се контрахира, но трицепсот се истегнува. Спортските повреди како истегнати лигаменти, тетиви, скинати мускулни влакна се многу чести токму поради недоволно, прескокнато или нестручно изведено загревање и ладење. Ви советувам да не ги прескокнувате овие елементи на тренингот, без разлика дали се рекреирате индивидуално или пак сте дел од некоја група, следете ги советите на вашите инструктори.

Сите знаеме дека нашиот „перпетуум мобиле“ е срцето. Оттука, кардиоваскуларниот систем  е клучен во изведувањето на сите физички активности на мускулите. За да се движат, потребна е храна која преку крвните садови, со кои се богати мускулните влакна(оттука и црвената боја на мускулите), ја добиваат со крвта која ја пумпа срцето. Многу лесно ќе заклучите дека со која брзина и каков ритам срцето ќе работи, ќе зависи и ефективноста на мускулите.

Нешто повеќе за кардио-тренингот

Во спортската физиологија, со кардиоваскуларен или скратено кардио-тренинг се дефинира физичка активност во која се вклучени поголеми скелетно-мускулни групи (раце, нозе, торзо) и со која се подобрува работата не само на срцето, туку и на респираторниот систем. Во зависност пак од метаболичната активност што ќе предизвика одреден интензитет на срцева работа, кардио-тренизите се делат на аеробни и анаеробни зони на вежбање. Бенефициите од кардио-тренингот се општо познати и затоа се препорачува барем три пати во неделата. Комплетен тренинг процес не може да се замисли без кардио активност.

Колку ќе се обликуваат или надградат мускулите, во голема мерка зависи и од тоа колку и каква храна ќе им дадете. Овде зборуваме за природните телесни ресурси преку крвта, а не за додатоци и комерцијални суплементи!

Меѓутоа, сакам да напоменам дека не секој кардио-тренинг е добар и не секој кардио-тренинг е здрав! Се работи за вежбање со кое доаѓа до покачување на пулсот, побрзо пумпање на крвта низ телото, покачување на притисокот. Морате да ги следите сигналите на вашето тело и  да не се истоштувате останувајќи без здив.

Ако сте почетник, кардио-тренингот  од 7-10 минути ќе биде доволен, а со текот на времето ќе ја поместувате границата. Додека пак, за оние што веќе се во форма, не заборавајте дека тоа што можете подолго време да трчате,  не значи и дека е здраво да се префорсирате. Тренерските, и пред сè лекарските препораки се јасни, не повеќе од  30минутен кардио-тренинг, три пати во неделата. Да не заборавиме, сепак се рекреираме!

Се надевам дека сега се малку појасни нештата зошто е важно да ги почитуваме нашите мускули и срцето. Со вистински тренинг, трпение и малку забава во вежбањето, не се сомневам дека нема да предизвикате воздишки во околината! А, за сите оние што го дочитаа текстот, сметајте дека сте го положиле „кајагана-колоквуимот по спортска физиологија" :)

Коментирај