Свет

Синот на Ел Чапо ќе биде уапсен – кога нема да бидат загрозени граѓаните

21. октомври 2019 - 20:12 | А.С.

Мексиканскиот претседател Мануел Лопез Обрадор денеска изјави дека владата ќе го уапси Овидио Гузман, синот на затворениот нарко бос Хоакин Гузман познат како Ел Чапо, кога за тоа ќе има налог и нема да биде загрозена безбедноста на граѓаните.

Ваквата изјава на претседателот следи откако Овидио беше уапсен и за кратко време ослободен минатата недела, бидејќи неговото апсење предизвика вооружени престрелки меѓу припадници ан нарко картелите и полицијата, како и општ хаос во Кулиакан, Северно Мексико.

Лопез Обрадор уште тогаш тврдеше дека одлуката младиот Гузман да биде пуштен била правилна, бидејќи „апсењето на еден криминалец не го оправдува загрозувањето на животите на граѓаните“.

Вооружените престрелки траеја неколку часа откако Овидио Гузман Лопез (28) беше откриен и фатен во рутинска патрола во градот Кулиакан.

Во снимките објавени на локалните телевизии можеше да се видат вооружени лица со тешко наоружување како пукаат кон полицијата, оштетени возила, мртви тела и изгорени барикади.

Овидио подоцна беше ослободен „за да се одбегне понатамошно насилство“, рекоа властите.

Мексиканскиот министер за безбедност Алфонсо Дуразо изјави дека патрола на вооружената полиција Национална гарда била пресретната со отворен оган од правец на куќата каде Овидио престојувал, при што полицајците морале да се повлечат.

Синот на Ел Чапо бил уапсен во акцијата, но подоцна бил пуштен „за да се одбегне повеќе насилство во областа и да се заштитат животите на нашите полицајци, но и да се врати мирот во градот“, рече тогаш Дуразо.

Лопез Обрадор беше избран благодарение на предизборните ветувања за сузбивање на нарко картелите. Откако дојде на власт ја формираше новата безбедносна единица Национална гарда чија задача е да се справува со нарко картелите.

Под водство на Ел Чапо, картелот Синалоа беше најголемиот снабдувач со дрога за САД.

Откако тој е во затвор, се смета дека картелот делумно го контролира Овидио, врз кого се покренати обвиненија за шверц на дрога во САД.

Ел Чапо (62) беше осуден по 10 точки од суд во САД, вклучувајќи шверц на дрога и перење пари.

Коментирај