Вечерва, со почеток од 21:00 часот, силите ќе ги одмерат градските ривали Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити. За едниот од тимовите ова е шанса да се остане во трката за титулата, додека за другиот овој натпревар е само поле за битка од која единствената награда е градската гордост.
По крајот на натпреварот, Манчестер ќе биде обоен во сино или во црвено. А можеби и во црно, доколку Сити загуби бодови и на крајот од сезоната тоа резултира во титула за Ливерпул.
Двата тима делат ист град, можат да се пофалат со титули и уживаат во поразите на заедничкиот ривал Ливерпул. Од едната страна го имаме Манчестер Јунајтед – клубот со најбогата историја во Англија и еден од великаните на европскиот фудбал, додека од другата страна е Манчестер Сити – модерен клуб кој историјата ја испишува во последната деценија, но со амбиции во иднина да стане најдобриот клуб во светот.
Влогот е огромен за тимот на Манчестер Сити. Со победа останува во тесна борба за титулата во Премиер лигата, пораз или нерешено би значеле оддалечување на дополнителен чекор зад Ливерпул. Во составот ќе недостасува Кевин Де Бруин, кој сезонава мака мачи со повреди. Тој ќе биде надвор од терените до крајот на сезоната, што значи дека нема да може да му помогне на неговиот тим во одлучувачките четири натпревари.
„Треба да победиме во четирите преостанати натпревари за да ја освоиме титулата. Не е лесно изводливо, но знаеме што треба да направиме. Во дербито со Јунајтед нашите играчи играат најдобро и ова е секогаш специјален натпревар за нив“, изјави Пеп Гвардиола, тренерот на Манчестер Сити.
Манчестер Јунајтед полека ги губи шансите за пласман во Лигата на шампионите, откако во последниот месец загуби од Арсенал, Вулверхемптон и Евертон, па сега се наоѓа на три бода зад Челзи, кој е на четвртото место. Натпреварот ќе го пропуштат Андер Херера и Фил Џонс, кои се повредени.
„Уверен сум во себе и во мојот тим. Подготвен сум за овој предизвик. Знам дека е голем предизвик, но токму затоа дојдов тука“, изјави Оле Гунар Солскјер, тренерот на Манчестер Јунајтед.
Тимот на Манчестер Сити триумфираше во пет од последните седум премиерлигашки натпревари на Олд Трафорд (1 пораз, 1 нерешено). Манчестер Јунајтед игра подобро на домашен терен, но тоа не мора да значи ништо кога против себе имаат противник од врвен калибар, каков што е Манчестер Сити.
Натпреварот е на програмата од 21:00 часот, а судија ќе биде Андре Маринер.