Здравје
ФЕСТИВАЛ НА ОРГАНСКА ХРАНА 2019

Сѐ поголем интересот за органски производи, промоцијата слаба

6. септември 2019 - 15:16 | МИА

Скопје, 6 септември 2019 (МИА) – Временските непогоди, сѐ уште неорганизираниот и незагарантиран пласман, како и слабата промоција, се клучните предизвици со кои во моментов се соочуваат домашните производители на органска храна. Како што рекоа денеска на Фестивалот за органска храна во Скопје, задоволни се од субвенциите, иако сметаат дека државата може да одвои малку повеќе поддршка.

Според производителите, од органското земјоделство може да се живее. Продажната цена е добра, а има и купувачи.

- Сѐ уште сами се снаоѓаме за пласман. Интензивна комуникација меѓу нас производителите нема, речиси секој за себе продава. Всушност, кој како ќе се снајде, изјави Рахела Сенталовска од селото Евла, Ресенско, производител на органски малини, лешници, цреши, круши, јаболка и сливи.

Трошокот за органското производство е многу помал од конвенционалното, а производите се квалитетни. Затоа, нагласи, би било добро кога би имало и загарантиран пласман.

- Лешниците засега ги продаваме само во Ресен, од 600 денари за килограм па нагоре. Малините одат по 250 денари, ги продавме во Охрид, Битола, Прилеп, Скопје. Имаме голема побарувачка, но луѓето не се добро запознаени со бенефитите од овие производи. Кога ќе дојдат, прво велат скапо е. Не знаат дека ние не користиме апсолутно никаква хемија, рече Сенталовска.

Според Македонка Мирева од Виница, производител на органски мед, продажната цена е добра, а има и потрошувачи кои се постојани клиенти.

- Имаме 100 пчелни семејства на 30 километри од Виница, во селото Трсиново, во подножјето на Плачковица. Годинава беше подобра од лани. На Фестивалов нудиме чист мед, мед со саќе, со ѓумбир, прополис..., напомена Мирева.

На штандовите на Плоштадот „Македонија“, денеска и утре може да се најдат органски домати за 100 денари килограм, органски јаболка за 40 до 50 денари, но и органско козјо бело сирење, свежо и сушено од селото Раштак. Посетителите можат да купат и занаетчиско пиво чија суровина е 100 процентно органска.

Фестивалот е под мотото „Заедно да градиме здрави навики“ и освен изложба и продажба на органски производи, ќе понуди повеќе работилници за здрава храна, јога дружба за најмладите, како и акустична рок забава.

Коментирај