Специјалното јавно обвинителство на својата официјална Facebook страница објави статус на кој пишува дека Судот пропуштил да се запише во историјата и најави жалби на одлуката на Судот.
„Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби!“, напишаа од Специјалното јавно обвинителство.
Од Основниот суд Скопје 1 се уште нема официјална информација за предлогот на ова Обвинителство кое побара притвор за осум лица вмешани во изборни нерегуларности, меѓу кои има високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на тоа дека поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој беше ноќеска на распит во Основниот суд Скопје 1 и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко си заминаа од Судот со приватни возила, се поизвесно е дека за нив нема притвор.
Во овој случај осомничени се и поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски за кои се уште не се знае дали се појавиле во Судот.
Владејачката партија реагираше на прес-конференцијата на Специјалното обвинителство и најави дека функционерите ќе ја докажат својата невиност.