Здравје

Слушањето музика во текот на возење го намалува стресот

16. ноември 2019 - 11:48 | Б.С.Б.

Стресот во текот на возење претставува ризик фактор за развој  на кардиоваскуларни болести и ненадејни компликации, како срцев удар, покажуваат различни истражувања направени во последните неколку години.

Изборот на пријатна музика во текот на возењето може да биде еден од начините на ублажување на овој ризик. Истражување на Државниот универзитет во Сао Паоло во Бразил укажува на тоа дека слушањето инструментална музика може да го ублажи стресот.

Резултатите се објавени во Complementary Therapies in Medicine. Во студијата исто така учествувале и истражувачи од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија и Универзитетот Парма во Италија.

„Откривме дека стресот кај учесниците на нашиот експеримент се намалува со слушање музика во текот на возењето“, изјави Виктор Енграсија Валенти, главен истражувач на проектот.

Учесниците во текот на студијата биле оценети двапати, во различни ситуации. Еден ден возеле по 20 минути во сообраќаен метеж, без да слушаат музика. Вториот ден возеле по истата рута, во истото време од денот, но слушале инструментална музика.

„За да го зголемиме степенот на сообраќајниот стрес ги замоливме возачите да возат автомобили кои не се нивни бидејќи сепак возењето со сопствен автомобил е полесно“, смета професорот Валенти.

Нивото на стрес е проценето со мерење на варијабилноста на срцевиот ритам со користење монитор на отчукувања на срцето. Колку е поактивен симпатичкиот нервен систем, толку срцето побрзо чука, додека парасимпатичкиот нервен систем тежнее да го забави.

Анализата покажала намалување на варијабилноста на срцевиот ритам кај учесниците кои возеле без музика, што укажува на пониско ниво на активност на парасимпатичкиот нервен систем, но и активација на симпатичкиот нервен систем.

Спротивно на тоа, променливоста на отчукувањето на срцето се зголемила кај возачите кои слушале музика, што укажува на поголемо ниво на активност на парасимпатичкиот нервен систем и намалување на активноста на симпатичкиот нервен систем.

„Слушањето музика го ублажи умереното стресно оптоварување кое учесниците го доживеаја во текот на возењето“, објаснува професорот Валенти.

Според него, слушањето музика би можело да биде превентивна мерка кога станува збор за кардиоваскуларното здравје и тоа во ситуации на интензивен стрес како што е возењето во густ сообраќај.

Коментирај