Софтвер

Смартфоните iPhone ќе имаат вграден сензор за отпечаток до 2021 година

6. август 2019 - 10:51 | А.С.

Apple планира да ја врати опцијата Touch ID со сензор за отпечаток од прст вграден во екранот кај iPhone уредите до 2021 година, тврди истакнатиот аналитичар од технолошката индустрија Минг-Чи Куо.

9to5Mac објави дека аналитичарот тврди дека за две години оваа технологија ќе биде вклучена заедно со технологијата за препознавање лица Face ID на Apple и дека двата безбедносни методи ќе се надоврзуваат еден на друг за да се овозможи најдобро, унифицирано корисничко искуство.

Вградените сензори за отпечаток од прст постојат веќе некое време – првиот го видовме на X20 Plus UD на Vivo вво почетокот на минатата година.

Apple работи на оваа технологија од 2019 година, кога поднесе барање за патентирање на нејзиниот вграден сензор за отпечаток. Во април годинава ѝ беше одобрен патентот за Methods of biometric imaging of input surfaces, но компанијата уште не почнала со вметнување на технологијата во своите уреди.

Ограничувањата на постоечките вакви сензори, како високата потрошувачка на батеријата, малата површина на сензорот и тешкотиите во производство се сметаат за главните виновници за тоа.

Куо тврди дека голем дел од овие проблеми ќе бидат надминати до 2021 година, кога според него Apple ќе користи ултрасоничен сензор за отпечаток сличен на оној на Qualcomm.

Унифицирањето на безбедносните системи Touch ID и Face ID е интригантна идеја. Потенцијално, тоа може да го отвори патот кон некаков вид на биометриска идентификација со два фактори, што значи дека потенцијалниот хакер ќе треба да ги имитира и вашиот лик и вашиот отпечаток за да добие пристап до уредот.

Коментирај