Фудбал

Сон и Афиф најдобри фудбалери во Азија за 2019

4. декември 2019 - 19:55 | Ф.З.

Кореанецот Сон Хјон-мин и Катарецот Акрам Афиф ги освоија признанијата за најдобри фудбалери на азискиот континент.

Азиската фудбалска конфедерација наградата за фудбалер на годината ја дели на две категории: играч кој настапува во Азија и играч кои игра надвор од Азија.

Во првата категорија победи 23-годишниот Акрам Афиф кој со Катар стана шампион на Азија. Настапува во домашното првенство бранејќи ги боите на клубот Ал-Сад со кој стана шампион на Катар постигнувајќи 26 голови и 15 асистенции. За Катар настапи и на годинешното издание на Копа Америка.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на АФЦ за оваа награда. Благодарност исто така и за репрезентацијата на Катар, Ал-Сад и Аспајр академијата. Не можам да го заборавам и моето семејство кои се мои поддржувачи. Ова мене многу ми значи и затоа морам уште еднаш да ви се заблагодарам на сите“, рече одушевениот Афиф.

Кога станува збор за втората категорија, таму победи ѕвездата Сон Хјон-мин. Офанзивецот на Тотенхем по третпат се здобива со ова признание откако беше играч на азискиот континент и во 2015 и 2017.

Сон минатата сезона одигра 31 натпревар во Премиер лигата каде постигна 12 голови и шестпати асистираше, а со тимот од Лондон играше и финале во Лигата на шампионите кое сепак го загуби од Ливерпул.

Тој е капитен на репрезентацијата на Јужна Кореја со која на Азиското првенство загуби во четврт-финалето од Афиф и неговиот Катар кој потоа стана шампион.

Коментирај