Рецензии

„Sons of Anarchy“ - Започна последното возење на членовите на SAMCRO

10. септември 2014 - 14:15 | Маја Танушоска

Синоќа на FX се емитуваше првата епизода од седмата и последна сезона на „Sons of Anarchy“, серија создадена од Курт Сатер во која централни ликови се членовите на моторџиски клуб. Серијата понуди извонреден квалитет и собра огромна публика, која во декември ќе се збогува со ликовите.

Дејството на серијата е поставено во фиктивното гратче Чарминг, помало место во кое оперира моторџиски клуб на чие чело стои Клеј Мороу (Рон Перлман). Кога Sons of Anarchy започна да се емитува, Рон Перлман беше најзвучното име во екипата, меѓутоа не помина многу време пред публиката да го најде новиот миленик  - Чарли Ханам кој ја толкува улогата на Џекс Телер.  Инспирацијата за дејството, Курт Сатер ја пронашол во Хамлет, нешто што не е така очигледно кога ги гледате епизодите, но кога ќе го откриете тој податок, јасно ви е како ги наместил коцките помеѓу ликовите и дека тоа го извел речиси совршено.

На почетокот, Клеј Мороу е претседател на клубот, а Џекс потпретседател. Клубот заработува преку учество во трговија со дрога и оружје, нешто што не му се допаѓа на Џекс кој сака да ги смени работите во клубот и да му ја даде насоката што ја посакувал неговиот починат татко. Тој е растргнат помеѓу татковството, жената што ја сака, клубот и очекувањата што од него ги има неговата мајка Џема, брилијантно одигран лик од страна на Кети Сигал (инаку сопруга на Курт Сатер). Еволуцијата на сезоните само ја прикажува невозможната мисија на Џекс и со тек на време тој ja прифаќа суроватa вистина дека нема никогаш да избега од иднината во Чарминг, што постепено му станува јасно.

„Sons of Anarchy“ е една од оние ретки серии во кои полека застанувате на страна на анти-хероите. Јасно ви е дека се тоа насилни типови кои се занимаваат со криминал, но истовремено ве освојуваат. За тоа придонесува одличниот избор на актери одбрани да толкуваат различни карактери меѓу кои можете да бирате. Дали ќе навивате за Џекс, Џус (Тео Роси), Чибс (Томи Фланаган), Тиг (Ким Коутс), Боби (Марк Бун Џуниор) или Опи (Рајан Хрст) е сосема оставено на вас. Ликовите имаат доволно лудило и лојалност во себе за да ви се допаднат.

Кога серијата започна да се снима британскиот актер Чарли Ханам имал 27 години и тој вели дека созреал со нејзиното снимање. Одлуката да ја премине „барата“ со цел да се посвети на проект кој ќе одземе толку многу време од кариерата не била лесна. Затоа тој се сретнал со Сатер, сакајќи лично да ја чуе неговата визија. После средбата, прифатил да ја толкува главната улога и воопшто не згреши со изборот.

Сатер успеа да создаде серија која шокира. Овде не знаете кој од кого ќе биде елиминиран и затоа „Sons of Anarchy“ претставува емотивно и адреналинско возење. Сепак, Сатер вели дека бруталните елиминации не ги прави со цел да си игра со емоциите на гледачите.

„Јас не размислувам во стилот  - Добро, што можам да направам за да ги уништам луѓево?“ - објаснува Сатер кој толкува помала улога во серијата.

Едно е сигурно, Сатер создаде серија која полека, но сигурно стекнува култен статус и планира да ја заврши во голем стил. Веќе навести дека финалето ќе биде крајно шокантно и крваво, а и самата екипа изјави дека никој од нив не можел да погоди како ќе заврши. Добрата вест за оние што редовно ја следат серијата е што Сатер навести дека планира да направи спин-оф чие дејство ќе биде поставено околу почетоците и создавањето на клубот. Останува да видиме дали тоа ќе добие реализација.

Одбројувањето започна и екипата веќе е на патот кон своето последно возење, а крајот ќе биде нешто што веројатно ретко кој ќе успее да го предвиди.

Коментирај