Државите мора подобро да ги заштитат правата на трансродовите лица, се вели во извештајот објавен од Советот на Европа, предупредувајќи на високото ниво на дискриминација и несигурност на трансродовите лица во Европа.
„Државите имаат примарна одговорност за отстранување на пречките со кои се соочуваат трансродовите лица при остварувањето на нивните права“, рече комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, објавувајќи го новиот извештај насловен „Човекови права и родовиот идентитет и изразување“.
И покрај зголемената видливост на трансродовите луѓе и значителниот напредок низ Европа, постојат „шокантно високи стапки на дискриминација, насилство и несигурност што таквите луѓе ги доживуваат во секојдневниот живот“, рече Мијатовиќ.
Меѓу клучните препораки, панелот ги повикува државите да обезбедат трансродовите луѓе да имаат „ефективен пристап до трансспецифични здравствени услуги без стигма“ и без да мора да се подложат на психолошка проценка.
Покрај тоа, родовиот идентитет и родовото изразување треба да бидат експлицитно признати „во антидискриминациското законодавство“, се вели во извештајот.
Трансродово лице кое може веродостојно да докаже прогон поради родов идентитет треба да добие статус на бегалец, според Советот на Европа.
Постапките за законско признавање на полот треба да се спроведуваат многу побрзо и потранспарентно, а исто така треба да бидат отворени за малолетници „со должно почитување на ставовите, зрелоста и најдобриот интерес на детето, и идеално без произволни ограничувања на возраста“.
Сите луѓе треба да можат да ги користат тоалетите „на достоинствен и безбеден начин, во согласност со нивниот родов идентитет кога се родово сегрегирани“, се препорачува во извештајот.
Советот на Европа е основан во 1949 година за да ги заштити демократијата, човековите права и владеењето на правото во Европа. Таа е независна од Европската Унија и има повеќе членки од ЕУ и ги вклучува речиси сите европски земји.