Рецензии
Рецензија

„The Spectacular Now“ – Реална и моќна тинејџерска драма

5. јануари 2014 - 17:36 | Маја Танушоска

Ако го прашате просечниот гледач на филмови кои се негативните страни на денешната филмска индустрија веројатно ќе ви рече некоја од следниве работи: Холивуд не е доволно инвентивен, филмовите се предолги и без поента, постојано се снимаат само продолженија и нема свежи идеи. Не дека сите овие работи не се точни, ама секогаш ќе излезе дека постојат навистина добри филмови на кои малкумина им обрнале внимание.

Ваквиот вовед се должи на сите поплаки што ги добива филмската индустрија во денешно време. Да, генерално кој жанр и да го споменете, гледачот обично може да го предвиди текот на настаните. Затоа што се навикнавме на клише и иако повеќето нема да признаат, сепак го сакаат клишето. Ретко кој е подготвен за мизерен крај и филм кој ќе направи да се чувствувате лошо. Но, генијалноста на „The Spectacular Now“ е што ќе ви предизвика бура на различни емоции, ќе ве натера да размислите, веројатно ќе ве вознемири, но нема да се чувствувате лошо.

Овој филм е создаден од истите сценаристи кои го создадоа ремек делото насловено како „(500) Days of Summer“ во кој главните улоги ги толкуваат Зои Дешанел и Џозеф Гордон Левит. Ако сте имале прилика да видите колку надвор од клишето е овој филм иако има и романса и комедија во себе, тогаш многу подобро ќе го разберете и „The Spectacular Now“.

„The Spectacular Now“ кој инаку е базиран врз истоимената книга на авторот Тим Тарп, го нуди она што ретко може да се види во денешно време во Холивуд. Трае само час и половина, има извонредна поента и прекрасна актерска изведба од актери кои им се генерално непознати на повеќето. Апсолутна добивка за речиси секој гледач.

Ако се обидете да му ја пренесете приказната на некој што не го гледал филмот, веројатно оној што ве слуша ќе добие впечаток дека поголемо клише од филм никогаш не слушнал. Но, затоа не треба површно да судите.

Сатер (Мајлс Телер) е човек кој однадвор гледано има сè. Поседува социјални вештини како ретко кој, популарен е во училиштето и обожаван од повеќето. Ејми (Шејлин Вудли) е нешто сосема спротивно од Сатер. Таа е премногу одговорна за разлика од него и речиси незабележлива во училиште, но по игра на случајноста овие двајца ќе формираат врска која никој од нив никогаш не ја очекувал. И тука ќе си речете, кој филм со тинејџери нема ваква приказна? Во тоа е магијата на овој филм, ви ги дава сите елементи кои мислите дека ги знаете и сте ги виделе веќе, но не ве води по позната патека. Наместо тоа ве запознава со ликовите, ве соочува со реалниот живот и ви покажува колку се луѓето скршени, тажни и преплашени. А тоа е особено тешко кога сте помлади и светот очекува да пораснете.

Што може да ви вети овој филм? Дека на крајот ќе разберете како е во кожата на другиот човек, во случајов Сатер. Актерот Мајлс Телер ќе ви предизвика различни емоции. Ќе го мразите, сакате, жалите. А кога еден филм ви предизвикува емоции и не ве остава рамнодушни веднаш откако ќе заврши, знаете дека екипата си ја завршила работата како што треба. Единствена замерка е што сценаристите можеле да му овозможат на гледачот да го осознае ликот на Ејми, онолку добро колку и на Сатер. Но, во тој случај филмот сигурно немало да трае час и половина.

„The Spectacular Now“ нуди реалност колку што еден филм може да понуди. Не продава илузија и не е направен за гледачот да очекува среќен крај. Ако обрнете внимание, во него ќе откриете многу нешта. Можеби ќе ве потсети и на некој сегмент од сопствениот живот.

Коментирај