Полицијата спречи криумчарење на поголема количина цигари без бандерола кај Пехчево.
На 24 јуни околу 05.20 часот во близина на местото „Чемериков преслап“, атар на Пехчево од страна на полициски службеници било забележано теренско возило „Jeep“ без регистарски ознаки како се движи по земјен пат во правец од местото „Бреза“ кон државната граница, а во возилото се превезувале две лица.
Од страна на полициски службеници на возачот му бил даден знак за запирање на возилото, но истиот не ја почитувал наредбата ја зголемил брзината на движење и продолжил кон Граничен камен 46, по што возилото го оставиле во близина на државната граница и побегнале.
По пронаоѓање на возилото бил извршен увид на местото на настанот, по што возилото и цигарите (во вкупна количина од 1.505 штеки од марките „Грација Делукс“ и „Сани Слимс“) биле одземени за понатамошна постапка.
Исто така по преземени мерки од страна на полициски службеници бил лишен од слобода О.К. од Берово за кого постојат сомненија дека се превезувал во возилото во кое била пронајдена акцизната стока, додека по второто лице сè уште се трага.