Рецензии

„Spy“ – Мекарти и Статам се добитна комбинација за комедија

6. јуни 2015 - 15:26 | Маја Танушоска

Вообичаено овој период од годината е резервиран за блокбастери и не се обрнува преголемо внимание на комедиите, затоа што маркетиншки големите студија повеќе се посветуваат на остварувањата на кои им доделиле големи буџети. Во случајот на комедијата „Spy“ 20th Century Fox направи доволно за да го промовира, а квалитетот на филмот си го направи останатото.

Во филмскиот свет режисерите си имаат по некој актер/актерка со кои редовно соработуваат. Една таква соработка е онаа меѓу режисерот на „Spy“, Пол Фиг и комичарката Мелиса Мекарти. Преку комедијата „Bridesmaids“ од 2011 година Мекарти практично се прослави, потоа заедно со Фиг ја снимија комедијата „The Heat“, а сега на ред дојде и „Spy“. Дефинитивно Фиг знае да го извади најдоброто од Мекарти и да го покаже нејзиниот талент. Мелиса е актерка што спаѓа во еден лесно препознатлив шаблон (најчесто и даваат улоги во кои се потсмева на својата тежина и толкува ликови што користат вулгарности), но кога тоа што таа го поседува ќе се искористи на правилниот начин добивате полн погодок каков што е случајот со „Spy“.

Во „Spy“, Мелиса Мекарти ја толкува улогата на Сузан Купер, супер способна аналитичарка на ЦИА која е заглавена во подрумот на агенцијата и од таму му помага на згодниот агент Бредли Фајн (Џуд Ло). Купер е заљубена во Фајн, но фактот што е заглавена во подрумот почнува да ја депримира затоа што сака да работи на терен. Таа желба за брзо време ќе се оствари. Имено, Сузан ќе биде ангажирана на тајна мисија откако еден агент ќе биде елиминиран од опасен дилер на оружје, а идентитетот на останатите агенти ќе биде компромитиран. Сузан треба да се соочи со Рејна Бојанов (Роуз Брн) која сака да продаде опасно оружје, но патем на патот ќе се попречи агентот Рик Форд (Џејсон Статам) кој ќе предизвика компликации, иако има строга наредба да не учествува во мисијата.

Статам ги заслужува сите пофалби за улогата што ја толкува овде. Досегашните улоги што ги толкуваше го направија препознатлива акциона ѕвезда, а во „Spy“ неговиот заканувачки мачо изглед во комбинација со урнебес реплики резултираат со одлични сцени кои ќе ве насмеат, особено доколку сте ги гледале неговите досегашни филмови. Накратко, Рик Форд е лик кој е отпорен на отрови, сам си го крои костумот и се движи незабележливо (освен, ако сака да биде забележан). Статам во комбинација со Мекарти се причина за многу комични сцени. И мора да му се честита на Џејсон затоа што покажа одлична смисла за хумор и прифати ваква улога која на некој начин се подбива со начинот на кој го перципира публиката.

Но, Статам и Мекарти не се единствената причина поради која оваа комедија вреди да се види. Ова е еден редок примерок во кој главните и споредните ликови се подеднакво добри. Роуз Брн и Миранда Харт се одлични, а и да не го заборавиме италијанскиот шармер Алдо одигран од Питер Серафимович. Тука ќе го видите и 50 Cent кој учествува во неколку комични сцени и секако фрла по некоја забелешка на сметка на Кање Вест. Дополнителен бонус за гледачите се прекрасните локации.

Првиот половина час филмов ве запознава со ликовите и тогаш комичните моменти се поретки, но затоа потоа надоместува и за тој воведен дел. Во секој случај поседува квалитет поради кој ќе сакате да го погледнете повторно.

Во претстојниов период нема да има премногу комедии (кон крајот од месецов пристигнува и „Ted 2“), но затоа пак е одлично што една од веќе прикажаните покажа солиден квалитет.

Loading the player...

Коментирај